Планот за итни мерки на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за справување со болеста Африканска свинска чума, обезбедува висок степен на заштита и спречување на ширење на болеста, заклучија денес експертите на Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите нации – ФАО, по завршувањето на дводневната симулациска вежба која се одржа во Беровско, а на која се проверуваше функционалноста на Планот и координираноста на институциите и протокот на информации за да се одговори брзо и правилно, при евентуална појава на болеста.
Официјални ветеринари од Агенцијата за храна и ветеринарство, претставници од Факултетот за ветеринарна медицина и од ветеринарните друштва, со помош на експертите од ФАО спроведоа вежби во индивидуално одгледувалиште во село Русиново, во комерцијална фарма во село Умлена и во ловиште. Како дел од вежбата формиран беше и Локален центар за контрола на болеста, како тело кое раководи со спроведувањето на плановите за итни мерки, и постапува во услови на итна кризна или вонредна состојба кога е загрозено здравјето и благосостојбата на животните на локално ниво. Негова функција е и воспоставување на ефикасна комуникација со Националниот центар за контрола на болести во услови на потврда на присуство на болест.
Поделени во 4 тимови, во изминативе два дена, практично беа спроведени вежби за чекорите кои се преземаат при појава на сомнеж и при потврда на присуство на болеста африканска свинска чума. Беа вежбани начините на влез во сомнително одгледувалиште, клинички и патолошки преглед на свињи и препознавање на симптомите, земање на примероци за лабораториско испитување, биосигурносни мерки кои се спроведуваат во одгледувалиштата и ловиштата и начинот на постапување по лабораториско потврдување на присуство на болеста. Во рамки на вежбата практично беа објаснети и процедурите за убивање на животните и нивно нештетно отстранување, за чистење и дезинфекција, како и планот за искоренување на болеста кај дивите свињи.
Од страна на експертските тимови, акцент беше ставен и на комуникацијата со Локалниот центар за контрола на болести, кој за потребите на симулациската вежба беше позициониран во Берово.
Симулациската (практична) вежба, се реализира како планирана активност на АХВ во соработка со проектот “Африканска чума кај свињите – подготвеност и брзо постапување”, како дел од активностите на ФАО за помош на земјите од Балканот за зајакнување на национлните капацитети со цел соодветно да одговорат на можна појава на болеста африканска свинска чума.