Со цел елиминирање на опасноста и спречување на евентуална појава и ширење на болеста африканска свинска чума во Република Северна Македонија, која во соседна Бугарија и дваесеттина други земји се шири и зема се поголеми размери, од состанокот со Ловечката федерација кој се одржа во Велес, директорот на Агенција за храна и ветеринарство упати апел и до селските домаќинства кои одгледуваат свињи за сопствена употреба, а каде биосигурносните мерки на фармите се на многу ниско ниво или во најголемиот број случаи воопшто ги нема - свињите да ги заколат или да ги понудат за откуп на месната индустрија.
-Во услови на сериозна епизоотиолошка состојба во соседството и постоењето на реална опасност од пренесување и ширење на болеста, сега не е време за ваков начин на одгледување на свињи – истакна директорот Атанасов.
Согласно законските и подзаконските прописи, Агенцијата за храна и ветеринарство нема да врши исплата на отштета на одгледувачите чие одгледувалиште не е регистрирано во Агенцијата, а чии свињи ќе угинат од оваа болест. Отштета ќе добијат само регистрираните сточари кои ги имаат имплементирано биосигурносните мерки на фармите и чии евентуално заразени грла ќе бидат убиени и нештетно уништени од страна на надлежните органи.
Воведувањето на биосигурносните мерки на свињарските фарми е законска обврска и одговорност на одгледувачите. Нивното невоведување, неодржување и непочитување може да предизвика појава и ширење на заразни болести кај животните.
Директорот Атанасов ги информира ловџиите дека Агенцијата воведе посебни правила за отстрел на дивите свињи како дел од превентивните мерки за спречување на ширење на болеста африканска свинска чума кај нас.
- Од секоја угината дива свиња која ќе се затекне на ловиштето ќе мора да се однесе мостра на испитување. Додека не се добијат резултатите, месото не смее да се употребува ниту да се пушти во промет. Исто така, ќе мора да се пријави и секоја мрша,од дива свиња, а најважно е ловџиите трупот да не го допираат. Отстрелот ќе се врши во присуство на официјален ветеринар. За влез во ловиштето задолжително ќе треба да се постават бариери за дезинфекција. Истите правила ќе важат и ќе треба да ги почитуваат и странските ловџии – објасни директорот.
Доколку за испратените мостри се добие позитивен резултат на болеста, објасни Атанасов, отстреланите свињи ќе мора да се закопаат. Под контрола на инспекторите, месото од застреланите диви свињи за кои ќе се добие резултат од лабораториско испитување дека е безбедно ќе може да се стави во промет.
-Јавното претпријатие Македонски шуми ќе издава посебни дозволи со кои ќе им се овозможи на ловџиите да го реализираат санитарниот, вонреден отстрел на диви свињи во услови на забрана за движење во шумите поради опасност од пожари- рече Атанасов.
Според претседателот на ловечката федерација на Македонија, Влатко Алексовски, поради сериозноста и тежината на проблемот од можна појава на болеста африканска свинска чума свикана е итна седница на управниот одбор на Федерацијата.
-Како ловечки здруженија сме максимално фокусирани кон преземање на мерки за спречување на можна појава на болеста која е веќе присутна во соседството и ги ставаме на располагање сите наши ресурси за соработка со надлежните институции. Концесионерите на ловиштата се во лоша финансиска состојба и потребна им е финансиска поддршка од државата за да ги исполнат условите за изградба на посебни места во ловиштата каде ќе го чуваат месото од заловените диви свињи – рече Алексовски.
Тој пренесе искуство на Ловечката федерација во Чешка каде, како што рече, се појавила оваа болест, но, успеале да ја искоренат. Побара од македонските институции координација за превземање на чешката добра практика.