Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

За две години, од презадолжена, АХВ прерасна во солвентна институција

21.06.2019
За две години, од презадолжена, АХВ прерасна во солвентна институција

Од задолжена институција со натрупани повеќегодишни финансиски долгови кои до јуни 2017 година достигнаа 498 милиони денари или околу 8,1 милиони евра, кон сточарите, ветеринарните друштва, лабораториите и другите испорачатели на услуги и состојба пред колапс на целокупниот систем за контрола на безбедноста на храната и здравствената заштита на животните, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), само за две години, прерасна во финансиски солвентна институција која редовно и навремено ги исплаќа обврските. Со тимска работа, одговорно и посветено, за две години од промената на менаџерскиот тим на Агенцијата, постигнат е евидентен напредок во работењето во сите сектори.


ФИНАНСИСКА СОЛВЕНТНОСТ НА АХВ

Во втората половина од 2017 година, со 17.6 милиони денари, исплатени беа сите сточари кои имаа угинати говеда од болеста јазлеста кожа во 2016 година, проблем за кој претходното раководство на АХВ не најде начин  да го реши. Над 26 милиони денари надомест на штета за заболени животни за болеста бруцелоза кај говедата, овците и козите и туберкулоза кај говедата, им исплати на сточарите Агенцијата за храна и ветеринарство во втората половина на 2017 година. Во 2018 година, исплатени беа и заостанатите обврските од предходните години за надомест на штета за одземени заболени животни од бруцелоза и туберкулоза кај говедата, овците и козите и за обесштетување за искоренување на болестите кај пчелите, коњите и другите видови животни. По овој основ Агенцијата на сточарите им долгуваше скоро 24 милиони денари. 


Во интерес на сточарите, направена е промена на временскиот период за обесштетување за одземените болни животни. Сега тој не е подолг од 90 дена, во споредба со претходните години кога изнесуваше повеќе од 8 месеци, а во некои случаи и повеќе од една година. 


Експресно беа исплатени и натрупаните долгови кон ветеринарните друштва кои  спроведуваат активности од јавен интерес од областа на здравствената заштита на животните и кои за период од 2014 до 2017 година, а кои беа поголеми од 251 милиони денари. За разлика од порано, обврските кон нив, од страна на Агенцијата сега  редовно се исплаќаат. 


Само во две години, АХВ ги расчисти и заостанатите долгови за извршени лабораториски испитувања од страна на Институтот за храна и Ветеринарниот институт при Факултет за ветеринарна медицина, Државната фитосанитарна лабораторија и Институтот за јавно здравје, чија вредност беше поголема од 160 милиони денари. Како институција големи беа и долговите за наемнина на простории за потребите на АХВ, за дневници, струја, вода, телефон... 
Од повеќегодишната финансиска негрижа, институцијата и сега трпи последици. За околу 7 милиони денари долгови од 2015 и 2016 година, се уште се водат судски спорови.
 


ПОДОБРЕН СИСТЕМ ЗА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА И БЛАГОСОСТОЈБА НА ЖИВОТНИТЕ

Преку подобрување на системот на идентификација и регистрација на животните, надгледувањето, будноста за брзото детектирање и сузбивање на болестите, значително е подобрен системот на здравствена заштита и благосостојба на животните, за што како институција добивме и  јавна пофалба од еврокомесарот за здравје и безбедност на храната на Европската унија. Минатата година АХВ спроведе вонреден попис на говедата, копитарите и свињите, активност со која од електронскиот систем на евиденција, бидејќи реално не постоеја, беа избришани 30.000 говеда, т.н. “животни духови”. Во тек на обработка се податоците за бројната состојба на овците и козите. 


Со внесување на географските координати на попишаните одгледувалишта во информатичкиот систем на АХВ, за прв пат се доби просторен увид на фармите во Република Северна Македонија, како предуслов за подобрување на контролата на заразните болести кај животните. Минатата година, за прв пат беше спроведена проверка на ефикасноста на вакцинацијата против болеста Чвореста кожа кај говедата, а од оваа година Агенцијата активно се вклучи во модулот за следење на ширењето на заразните болести кај животните на Eвропската комисија за контрола на болеста Лигавка и шап (EuFMD) при Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации – ФАО.


Во рамки на активностите за унапредување на системот за здравствена заштита на животните, како основа за унапредување на безбедноста на храната, во изминативе две години реализирани се повеќе мониторинг програми за испитување за присуство на болести. Востановен е мониторинг на присуство на болестите Африканска чума кај дивите свињи, Авијарна инфлуенца кај живината, Инфективната анемија кај копитарите, присуство на Западно - нилската треска кај коњите и птиците, мониторинг на Класична чума кај дивите свињи, како и мониторинг на постигнатиот имунитет и ефикасноста на извршената вакцинација.


Од состојба кога како држава имавме изработено само еден План за итни мерки за справување со заразните болести кај животните кои предизвикуваат значајни штети во сточарството и економијата, Агенцијата сега има изработени пет планови за справување со болестите Африканска чума кај свињите, Класична свинска чума, Чума кај малите преживари, за Лигавка и шап за кои се подготвени и прирачници. Во фаза на одобрување е и Планот за итни мерки и оперативниот прирачник за Сипаници кај овците и козите. Во текот на 2018 и 2019 година набавени се потребните опрема и средства за спроведување на итни мерки при појава и сузбивање на заразни болести. За прв пат реализиравме теренска вежба за јакнење на капацитетите на институцијата во случај на појава на заразната болест Лигавка и Шап. Вежбата беше пријавена во Светската организација за здравствена заштита на животните – ОИЕ. 


Минатата година ги зајакнавме биосигурносните мерки на одгледувалиштата со свињи и риби. Ги категоризиравме комерцијалните свињарски фарми според степенот на ризик, а годинава почнавме со регистрирање и одобрување на одгледувалиштата со риби. Интензивирана е соработката на полето на размена на информации и податоци со институциите и невладиниот сектор. Почнувајќи од 1 септември минатата година АХВ активно ја спроведува првата кампања за бесплатно микрочипирање на домашните миленици. Во модулот за домашни миленици на АХВ досега се евидентирани 62.193 домашни миленици, најголемиот број кучиња. Во тек се и активностите за идентификување (микрочипирање) на копитарите и внесување на  податоците во електронската база на АХВ. 


Агенцијата за храна и ветеринарство минатата година ја донесе првата Стратегија за заштита и благосостојба на животните со акциски план. Во насока на воспоставување на системот за контрола на популацијата на бездомни кучиња во земјава, минатата и оваа година одобрени се 6 прифатилишта за бездомни кучиња, а од пристигнати 58 програми за одобрување на контрола на популација на бездомни кучиња, досега се одобрени 35 програми, за разлика од периодот до 2017 година кога немаше одобрено ниту една програма. 


Активно работиме на активностите за стекнување на статус земја слободна од болеста Класична свинска чума, за што е донесен акциски план на активности за укинување на вакцинацијата против оваа болест кај свињите. Годинава се одржа обука со царинските работници за контрола на личниот багаж и за преглед на домашните миленици. 

 

УНАПРЕДЕН СИСТЕМОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА ХРАНАТА

Преку воведување на нови програми за контрола на храната и храната за животни, и усогласувањата и примената на високите европски стандарди, постигнат е висок степен на безбедност на храната во производството, складирањето, дистрибуцијата и пуштањето во промет. За 100 проценти се зголемени финансиски средства и активностите во Програмата за мониторинг на безбедноста на храната, лани го воспоставивме македонскиот РАСФФ систем за брзо известување и последователно спречување на ризици од  небезбедна храна и храна за животни. За прв пат се донесени и спроведени Програмата за мониторинг на антимикробна отпорност на причинителите на зоонози и коменсалните бактерии, Програмата за мониторинг на безбедноста на храната за животни. Минатата година почна да се спроведува Програмата за контрола и превентива на одделни физички, хемиски и биолошки опасности во определени видови или категории храна, воведен е регистер на примарни производители на мед, а во Програмата за мониторинг на безбедноста на храната се воведе нова активност  - мониторинг на храната третирана со јонизирачко зрачење. 


Во завршна фаза е реализацијата на активностите за подобрување на квалитетот на суровото млеко, преку спроведување на Акцискиот план за категоризација на фармите врз основа на ризик, активност која целосно беше прекината до јуни 2017 година. 


По повеќе од 20 години, Агенцијата за храна и ветеринарство спроведува активности за воспоставување на системот за управување (нештетно отстранување и преработка) со нус – производите од животинско потекло. Обезбедена е локација за изградба на капацитетот, обезбедени се 9 милиони евра финансиски средства. Според планираното изградбата на кафилеријата ќе почне во текот на 2020 година. 
Во фаза на усвојување е Правилникот за мали производители и локализирана активност, со флексибилна примена на законодавството кој обезбедува соодветни услови за пласман на мали количини храна од страна на примарните производители. 


За храната од неживотинско потекло, решени се 1000 предмети со закочени управни постапки пред 2017 година, усвоен е Повеќегодишниот национален контролен план за период од 5 години, чие донесување доцнеше цели 2 години. Во функција на обезбедување на научна и техничка поддршка за Агенцијата за храна ветеринарство, непречено почна со работа Националниот совет за безбедност на храната кој за неполна година и половина одржа 4 седници на кои се изнесени најсериозните закани по безбедноста на храната.

 

ПОДОБРУВАЊЕ НА БИЗНИС КЛИМАТА

Преку активностите што ги спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство подобрени се условите за водење бизнис во државата и создадени се услови за задржување на старите и отворање на нови пазари. Ја унапредивме соработката со невладиниот сектор. Со Стопанската комора  ја развивме соработката ,,Со подоба законска регулатива до подобар бизнис,,  при што во изработка на законските и подзаконските акти активно се вклучени бизнис заедницата, невладините организации и експертите од одредени области.


За извоз на македонски производи на европскиот пазар, од јуни 2017 година досега, одобрени се 13 нови оператори со храна, а во насока на усогласување со политиките на ЕУ и обезбедување на полесен проток на пратки при увоз, Владата донесе решение за определување на инспекциски места за контрола на храна од неживотинско потекло од увоз.


Донесените измени на Законот за ветеринарно - медицински препарати го либерализира увозот на ветеринарно - медицинските препарати и овозможи  директно признавање на ветеринарно - медицинските препарати одобрени од страна на Европската Агенција за лекови и оние кои се одобрени по пат на заемно признавање на одобренијата на земјите членки во ЕУ. 


Како финансиско олеснување за сточарите, државата воведе неколку мерки: покрива 50 проценти од вредноста на третманот на животните против болеста ентеротоксемија, за 50 проценти намалена е таксата за ветеринарно - санитарен преглед, а во завршна фаза е усвојувањето на Законот за изменување и дополнување на ДДВ, со кој ДДВ на ветеринарно медицинските препарати ќе се намали од 18 на 5 проценти.


Во јануари годинава, Владата донесе Одлука за зголемување на надоместоците за вршење на активности од јавен интерес од областа на здравствената заштита на животните. Подготвени се измените на Законот за безбедност на храна со кои ќе се олесни трговијата со додатоците на храна, збогатена храна и употребата на здравствени тврдења на прехранбените производи со кои се укинува бирократската постапка која беше претходно воспоставена, односно се либерализираат административните постапки. За прв пат во подготовка е Закон за донирање на храна кој ќе биде доставен до Парламентот до крајот на годинава. На барање на увозниците го укинавме задолжителното земање на мостри за испитување на Листериоза кај храната која се увезува. 

 

ЕВРОИНТЕГРАЦИИ

Ревитализиран е процесот на евроинтеграција и усогласување на националното со европското законодавство кое во областа на безбедноста на храната и здравствената заштита на животните е 90 проценти усогласени, теоретски и во пракса, за што во последните 2 години, добивме одлични оцени во годишните извештаи на Европската комисија. Агенцијата е прва институција и држава надвор од ЕУ, која е вклучена во СИГМА проектот за подобрување на методологијата за собирање и доставување на податоци во областа на здравствената заштита на животните и прва држава, надвор од ЕУ, која доставува податоци до Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА) за антимикробна резистенција, резидуи од пестициди и контаминенти, како и во активностите на научните тела на ЕФСА. 


Како одговорна институција за безбедноста на храната вклучени сме во проектот: Поддршка за национални истражувања во исхраната во сообразност со методологијата на ЕУ Мени (шеста поддршка) истражувања кај деца“, во рамки на кој досега се реализирани 2 истражувачи кампањи  - зима 2018 и пролет 2019 година.

 

МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА

АХВ последниве две години организираше низа меѓународни состаноци, конференции, потпиша меѓународни и билатерални договори за соработка. Минатата година, во март, беше организирана регионална конференција “Едно здравје”, а во октомври бевме домаќин на Седмиот состанок на Постојана експертска работна група на југоисточна Европа за болеста на Јазлеста кожа. Лани бевме домаќини и на Регионалната обука за опциите за управување при справување со радиолошки и нуклеарни кризи во системите за производство на животните, а во февруари годинава, го организиравме состанокот на ад хок експертска група на ЦЕФТА за електронска размена на податоци за СПС.


Агенцијата годинава активно се вклучи во работната мрежата на MediLabSecurе за превенција и подготвеност од вектор преносливите болести во црноморскиот и медитеранскиот базен.
На полето на билатералната соработка, склучен е договор за соработка во областа на безбедноста на храната и ветеринарството со надлежните институции на Италија, а во тек е постапката за потпишување на договори со Словачка, Турција,  Србија, Косово и Бугарија. АХВ аплицираше на отворениот повик за поддршка од FAO/WHO Codex Trust Fund (Round 2) и минатата година склучи договор во износ од 95.000 долари, за јакнење на националната структура и активно учество во активностите на Кодекс алиментариус.

 

ПОДОБРУВАЊЕ НА РАБОТНИТЕ УСЛОВИ

Подобрени се условите за работа на вработените во Агенцијата за квалитетно исполнување на работните обврски, со што Агенцијата се приближува кон достигнување на светските стандарди. Подобрен е системот за обуки и пренос на стекнатите знаења, во февруари 2018 година системот за управување со квалитет, се ресертифицира согласно барањата на ISO 9001:2015 стандардот, а во февруари годинава добивме позитивна препорака по првата надзорна проверка на ресертифицираниот Систем за квалитет согласно барањата на ISO 9001:2015 стандардот. Во финална фаза е постапката за акредитација на инспекциските служби на АХВ, согласно ИСО стандардот 17020 кој го имаат имплементирано само неколку држави за нивните инспекциски служби.
Успешно е завршена изградбата на објектите за ветеринарна контрола на граничниот премин Блаце, во вредност од 700.000 евра.
По многу долг период на несоодветно сместување на официјалните ветеринари и инспекторите за храна, обезбеден е работен простор и квалитетни услови за работа во подрачните единици на АХВ, и тоа во Свети Николе, Велес, Штип, Кичево, Охрид, Струга, Ресен, Тетово, Радовиш. Во завршна фаза е постапката за обезбедување на земјиште за изградба на административен објект за вработените во АХВ, со што Агенцијата ќе добие локација каде ќе може да изгради современ административен објект.

Ознаки
Категорија