Зајакнување на контролите на материјалите кои доаѓаат во контакт со храната, особено на пластичните и креирање на кампањи за подигнување на јавната свест за постоење на можна опасност од миграција на штетни материи од материјалите кои доаѓаат во контакт со храната во самата храна, планира во иднина да реализира Агенцијата за храна и ветеринарство како дел од активностите за контрола на безбедноста на храната и заштита на здравјето на потрошувачите. Ова беше речено на четвртиот состанок на Националниот совет за безбедност на храната кој се одржа денес во Агенцијата за храна и ветеринарство, на кој се дискутираше за состојбата со амбалажата за храна и можните ризици од миграција на штетни материи од нив во самата храна. Презентирана беше законската регулатива за безбедноста на материјалите кои доаѓаат во контакт со храната , која е усогласена со европската, како и условите кои мора да ги исполнат операторите за да ги стават ваквите производи во промет.
-Темата за материјалите кои доаѓаат во контакт со храната како една од поактуелните и во европски рамки, една од многуте на кои треба подетално да се посветиме преку работа на панелите кои треба да ги формираме во рамки на Националниот совет за безбедност на храната. Во соработка со науката, како институција преку панелите во иднина ќе ги лоцираме реалните проблеми во областа на безбедноста на храната и храната за животни и ќе наоѓаме решенија во насока на нивно унапредување, а со тоа и за унапредување на здравјето на граѓаните – истакна на состанокот директорот на Агенција за храна и ветеринарство Зоран Атанасов во својство на претседавач со Советот.
Лидија Дамевска, раководител на Секторот за проценка и комуникација на ризик при Агенцијата истакна дека производите и материјалите кои доаѓаат во контакт со храната, вклучително и пластичните на пазарот во нашата земја се пласираат согласно дефинираната процедура, а хемиската анализа на материјалите или производите се врши во лабораторија со акредитирана метода за испитување.
-Во најголем дел, односно скоро 50 проценти од материјалите кои доаѓаат во контакт со храната ( амбалажа, садови, капачиња, пет шишиња, прибор и други производи), а се увезуваат во земјава, најмногу од Турција, Грција , Бугарија и Србија се всушност по потекло од Кина. Според податоците од Системот за брзо предупредување за небезбедни пратки на Европската унија, токму од оваа земја, се и најголемиот број на пратки со производи и материјали кои доаѓаат во контакт со храната, чиј влез во изминатите три години, не е дозволен во ЕУ- истакна Дамевска.
Учесниците на состанокот се согласија дека темата за контрола на производите и материјалите кои доаѓаат во контакт со храната е од исклучителна важност од аспект на заштита на здравјето на потрошувачите и посочија дека во земјава постојат голем број лаборатории кои вршат испитувања на нивната безбедност и квалитет. Неопходно е, истакнаа тие, заради поголема економичност и испитување на што е можно поголем број на мостри, државата да ја поддржи нивната работа, врз основа на претходна поделба на надлежностите и видовите на испитувања кои тие ќе ги вршат.
Производите и материјалите кои доаѓаат во контакт со храната, истакнаа членовите на Советот, не претставуваат само потенцијален ризик за здравјето на луѓето, туку се и сериозен проблем за екологијата, опасност за природата и уништување на нејзиниот потенцијал и ресурсите.