Во организација на Ветеринарната комора на Република Северна Македонија и Бугарскиот ветеринарен сојуз, денес и утре во Струмица се одржува првиот меѓународен ветеринарно -медицински конгрес на кој учествуваат високи претставници од македонските и бугарските ветеринарни власти и еминентни професори од двете земји. На конгресот ќе бидат разменети сознанија и искуства од областа на ветеринарната медицина со акцент на најновите научни достигнувања во справувањето со зоонозите. Во работата на Конгресот кој го отвори претседателот на Ветеринарната комора на Република Северна Македонија Томислав Николовски, учествуваат и претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
-До организаторите упатувам најголеми пофалби за дадената иницијатива и нејзината реализација и желба во овие два дена, преку размена на информации да се даде уште еден позитивен импулс во унапредувањето на ветеринарството како една од основите на кои почива безбедноста на храната, бидејќи и науката и реалниот сектор препознава едно здравје за животните и за луѓето. Здравјето на животните е еден од приоритетите во земјоделско – прехранбениот сектор во земјава, кој постојано го унапредуваме како државен сектор, заеднички работејќи со науката, невладиниот сектор и бизнис заедницата – рече Илија Георгиев, шеф на Кабинет на директорот на Агенција за храна и ветеринарство во обраќањето на отворањето на Конференцијата.
Како што истакна тој, досегашната соработка која ја има воспоставено АХВ со сите вклучени во системот на здравјето на животните и безбедноста на храната, е потврда дека размената на информациите и искуствата претставуваат темел за навремено и соодветно преземање на мерки секогаш кога е загрозена или нарушена безбедноста на храната, или здравјето на животните, односно кога постои опасност ваквите опасности да прераснат во закана и за здравјето на луѓето.
Тој изрази уверување дека настаните од ваков тип се исклучително важни, не само за размена на информации и знаења од областа на ветеринарната медицина, туку и за воспоставување на нови познанства и пријателства и за продлабочување на добрососедските односи. Првиот ветеринарно – медицински конгрес кој се одржува денес и утре во Струмица се организира по потпишувањето на Меморандум за соработка меѓу ветеринарните комори на двете земји минатата година и на него ќе биде презентирана епизотиолошката состојба во соседна Бугарија во минатата година, основите на превенција и контрола на трансграничните вектор – преносливи болести, теми од областа на хируршката онкологија, како и за вклучување на ветеринарната медицина во ловството. Вториот ден од Конгресот посветен е на теми од областа на здравствената заштита на кучињата.