Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје, денес од Охрид, ја почна реализацијата на четвртата фаза од едукативната кампања за одговорно сопствеништво која под мотото “Биди неговиот херој” која од 2016 година се реализира како дел како дел од регионалната кампања на Светската организација за здравствена заштита на животните - ОИЕ за подигнување на јавната свест за одговорното сопствеништво. На работилницата учествуваа педесеттина дечиња од основното училиште ,,Климент Охридски,, од Охрид на кои стручни лица од Агенцијата и од Факултетот им објаснија што значи да се биде совесен граѓанин и одговорен сопственик на домашен миленик, како преку грижа за нивното, но и за здравјето на бездомните животни ќе го заштитат и сопственото здравје, како и за тоа какви обврски имаат сопствениците на миленици. На децата им беше поделен промотивен материјал боенки и брошури за одговорно сопствеништво кои Агенцијата за храна и ветеринарство ги подготви во рамки на оваа кампања.
Гостин на едукативната работилница беше Брајан Фаулкнер, експерт, претставник на Кралското здружение за заштита на животните од суровост од Велика Британија (RSPCA). Тој, неделава, со посредство на Агенцијата за храна и ветеринарство, одржа неколкудневни теоретски и практични предавања на вработените од јавното комунално претпријатие „Охридски комуналец“ и Општина Охрид, која е во фаза на воспоставување на систем на прифатилиште за бездомни животни. Фаулкнер детално ги објасни постапките и стандардните оперативни процедури, техниките и методите на заловување на бездомните животни, нивната благосостојба и тертманот во прифатилиштата. Во рамки на обуката на која учествуваа и претставници од невладиниот сектор, посетено беше и прифатилиштето за бездомни кучиња во Охрид, кое наскоро треба да биде одобрено од Агенцијата за храна и ветеринарство, каде и во пракса беа презентирани основите за воспоставување на соодветен систем за контрола на бездомните кучиња базиран на благосостојбата на животните.