Вчера во Агенцијата за храна и ветеринартсво се одржа првиот состанок на Управниот Комитет на проектот ,,Подобрување на спроведувањето на законодавството за здравствена заштита на животните, безбедноста на храна и фитосанитарното законодавство и соодветните информативни системи,,. На состанокот беа присутни претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за земјоделство - фитосанитарна инспекција, Фитосанитарна управа и Државна фитосанитарна лабораторија како главни корисници на проектот и преставници од Делегацијата на ЕУ која е договорен орган за имплементација на проектот.
Управниот комитет е воспоставен како механизам за следење на активностите на проектот и за обезбедување тесна соработка помеѓу институциите и другите релевантни учесници, имајки ја предвид комплексноста на проектот, како и за обезбедување на транспарентност на активностите во рамки на проектот.
На состанокот се презентираа активностите реализирани во воведната фаза на проектот, а се разговараше и за планираните активности и очекуваните резултати во секоја од 6-те проектни компоненти: транспонирање на ново усвоеното клучно законодавство на Европската унија и негово ефикасно спроведување на национално ниво во областа на ветеринарството и безбедноста на храната, зајакнување на капацитетот во однос на безбедноста на храната, надградување и подобрување на сегашниот ИТ систем во Агенцијата за храна и ветеринарство, спроведување на кампањи за подигнување на јавната свест како и за планирање, развој и имплементација на фитосанитарниот информативен систем. На соостанок се разговараше и за компонентата која се однесува на понатамошниот развој и зајакнувањето на капацитетите на надлежните органи во фитосанитарниот сектор.
Тим лидерот на проектот, г-н Кристиано Лонго ги презентираше воведниот извештај, работниот план на активностите кои ќе се спроведат во наредниот период како и предложената временска рамка за реализација на истите, испораките и распределбата на работните денови за експертите и бројот и типот на експерти кои ќе бидат вклучени во реализацијата на проектот.
Членовите на Управниот комитет дадоа свои коментари и забелешки за подобрување на квалитетот на почетниот извештај и сугестии во однос на ефективна комуникација и соработката меѓу проектниот тим и корисниците на проектот и постигнувањето на предвидените проектни резултати. На следниот состанок на Управниот комитет на проектот ќе бидат презентирани реализираните проектни активности и времениот извештај.Проектот почна да се реализира на 14 јануари годинава и ќе се спроведува во период од 24 месеци. Негова главна цел е да се заштитат здравјето на луѓето, животните и растенијата, како и да се подобри конкурентноста на македонските агро - прехранбени производи на европскиот и светскиот пазар. Целта на овој договор е да се зајакнат постоечките системи на надлежните институции и да се зголеми свеста на јавноста, со цел да се подобри здравјето на животните, јавното здравје и здравјето на растенијата во земјава.