Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

ЗДРАВСТВЕНА ПРОЦЕНКА НА РИЗИК ОД TRIBULUS TERRESTRIS ВО ДОДАТОЦИ НА ИСХРАНА И ХРАНА ЗА СПОРТИСТИ, ЕФЕКТОТ ВРЗ ТЕСТОСТЕРОНСКАТА СЕКРЕЦИЈА СО ПОСЛЕДИЧНИТЕ БИОХЕМИСКИ, (ПАТО-) ФИЗИОЛОШКИ, ТОКСИКОЛОШКИ И КЛИНИЧКО-ПАТОЛОШКИ СОСТОЈБИ ПРИ АБУЗУС И ААSs

Спортската исхрана влијае на здравјето и спортските перформанси на спортистите. Спортисти прибегнуваат кон користење суплементи за подобрување на нивните атлетски перформанси. Додатоци во исхраната се наменети за покривање на специфичните нутритивни потреби на физички активните популации кои може да варираат во зависност од интензитетот и времетраењето на вежбањето, спортската дисциплина, сезоната, возраста, физичката состојба и надворешната средина.

Најчести несакани ефекти што се пријавени од користење на андрогените анаболни стероиди (AASs) кај професионални спортисти - атлетичари, кревачи на тегови, бодибилдери и други спортски дисциплини, но и кај рекреативни бодибилдери се: кардиоваскуларни (дислипидемија, атеросклероза, ненадејна смрт, миокардна фиброза со пречки во спроводливост на импулси, рестриктивна кардиомиопатија, хипертензија), неуроендокрини ефекти (супресија на оската хипоталамус-хипофиза-гонади, хипогонадизам при прекин на користење на овие средства, гинекомастија, вирилизација кај жени), невропсихијатриски растројства (мајорни растројства во расположение – манија, хипоманија, депресија, агресивно растројство, насилничко однесување, зависност, неуронална апоптоза, когнитивни дефицити), хематолошки нарушувања (полицитемија, хиперкоагулабилност, длабока венска тромбоза и белодробен тромбоемболизам), црнодробни нарушувања (хепатитис, холестаза, peliosis hepatitis, црнодробни неоплазми, мускулноскелетни нарушувања (предвремно затворање на епифизите кај адолесценти, руптура на тетиви), бубрежни растројства (бубрежна слабост како резултат на рабдомиолиза, фокален сегментален гломерулонефритис), дерматолошки манифестации (акни, кожни стрии).

Екстрактот од егзотичното растение Tribulus Terrestris L. (TT) е популарен хербален додаток што се користи за суплементација и не се категоризира како AASs. Производите со ТТ екстракти најчесто се користат од бројни спортисти и не-спортисти за подобрување на нивото на тестостерон и перформансите. ТТ е атрактивен за спортистите поради неговите потенцијални ергогени ефекти врз спортските перформанси, подобреното закрепнување по вежбање, заради зголемувањето на мускулната сила и стимулирањето на хипертрофијата на скелетните мускули заради способноста на ТТ да делува како засилувач на тестостеронот и заради промовирањето на мускулниот анаболизам. Овие ефекти се должат на сапонините содржани во ТТ. Сапонините во ТТ може да имаат анаболно/андрогено влијание преку активирање на ендогени производство на тестостерон и лутеинизирачки хормон (LH), кој може да го стимулира мускулниот раст. TT не е класифициран како забранета супстанција од Светската Антидопинг Агенција (WADA).  . Извештајот на Научниот комитет на Шпанската агенција за потрошувачи, безбедност на храна и исхрана (AECOSAN) известила дека се препорачaниот дневен внес на ТТ помеѓу 250 и 9000 mg се смета безбеден.

Автор на овој документ: "ЗДРАВСТВЕНА ПРОЦЕНКА НА РИЗИК ОД TRIBULUS TERRESTRIS ВО ДОДАТОЦИ НА ИСХРАНА И ХРАНА ЗА СПОРТИСТИ, ЕФЕКТОТ ВРЗ ТЕСТОСТЕРОНСКАТА СЕКРЕЦИЈА СО ПОСЛЕДИЧНИТЕ БИОХЕМИСКИ, МЕТАБОЛНИ, ФИЗИОЛОШКИ, ПАТОФИЗИОЛОШКИ, ТОКСИКОЛОШКИ И КЛИНИЧКО-ПАТОЛОШКИ ПРОМЕНИ, КАКО И НАСТАНОК НА ПОТЕНЦИЈАЛНИ ЗАБОЛУВАЊА ПРИ АБУЗУС", во целост е Д-р Виктор АРСОВ, дипломиран доктор по медицина, специјалист интернист, експерт за здравствена проценка на ризик поврзана со опасности во храната, нутриција, диететски производи и алергии, помлад соработник за логистика за информации за здравствена проценка на ризик поврзани со опасности во храната, со речиси 18 годишно работно и професионално искуство во Секторот за проценка и комуникација на ризик (СПКР).