Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

ЗДРАВСТВЕНА ПРОЦЕНКА НА РИЗИК ОД ДИЕТЕТСКА ЕКСПОЗИЦИЈА НА BCAA (BRANCHED-CHAIN AMINO ACIDS - АМИНОКИСЕЛИНИ СО РАЗГРАНЕТ СИНЏИР)

L-леуцин, L-изолеуцин и L-валин се есенцијални амино киселини со разгранет ланец (BCAA) и се наоѓаат во прехранбени производи кои содржат протеини како млечни производи, месо, јајца, јаткасти плодови, цели зрна, семиња, авокадо и алги. Во додатоци во исхраната  и храната за спортисти се содржат во следниве дози за возрасни, адолесценти и деца од 10 години и повеќе: L-леуцин: 2500, 3000, 4000, 5000 и 5250 mg/ден, L- изолеуцин: 1500, 1750, 2000 и 2500 mg/ден и L-валин: 1500, 1750, 2000, 2250 и 2500 mg/ден. Учествуваат во различни важни биохемиски функции во мозокот - синтеза на протеини, производство на енергија, разложување на глутамат (ексцитаторен аминокиселински невротрансмитер во мозокот) и синтеза на аминските невротрансмитери - серотонин (5HT) и катехоламините - допамин и норепинефрин. Испитувана е нивната суплементација кај спортисти - атлетичари за подобрување на физичките перформанси, менталниот статус и намалување на заморот, како дополнителна терапија кај лица со невролошки заболувања, како што е фенилкетонуријата, амиотрофичната латерална склероза, тардивната дискинезија, спиноцеребеларната дегенерација, третман на манични епизоди кај биполарните растројства, црнодробната енцефалопатија, како и кај црнодробната цироза и карциноми.

Во овој научен сеопфатен документ детално се опишани сите три аминокиселини, нивните физиолошки функции, метаболизмот и биохемиските карактеристики, студиите коишто ја испитувале поврзаноста помеѓу нивната суплементација и ефектите кај спортисти во физиолошки услови како и при одредени невролошки, психијатриски, црнодробни, метаболни заболувања и карциноми.

Во доукументот е  направена здравствена проценка на ризик од нивна диететска експозиција. Пресметките покажале дека дневната доза на секоја BCAA како дополнителен внес на диетата од 2,5 g/100 g протеини изнесувала над 1500 mg/kg телесна тежина на ден и следствено била предложена како вредност на NOAEL. Ако на оваа доза се примени типичниот 100-кратен безбедносен фактор, за да се процени безбедната горна граница на внес кај луѓето, дозата на NOAEL за луѓе би била 15 mg/kg телесна тежина дневно или околу 1 g/дневно за човек од 70 килограми. Значи вкупната дозволена доза за сите три BCAA (VAL+ILE+LEU) сепак би била само околу 3 g/d, што во голема мера ја преценува потенцијалната токсичност на BCAA кај човечката популација, бидејќи луѓето (здрави и болни) консумирале до 20 пати повисоки дневни дози како додаток на нивните дневни диететски оптоварувања со протеини без негативни ефекти по здравјето. Неколку студии кои истражувале L-леуцин, L-изолеуцин и L-валин во единечни дози кои се движат од 10 до 30 g на ден не известуваат за негативни ефекти по човековото здравје.

Норвешкиот Научен Комитет за безбедност на храна (VКМ) смета дека поради недостаток на студии кои се однесуваат на негативните ефекти од наведените дози 2500, 3000, 4000, 5000 и 5250 mg/ден L-леуцин; 1500, 1750, 2000 и 2500 mg/ден L-изолеуцин и 1500, 1750, 2000, 2250 и 2500 mg/ден Л-валин во додатоци во исхраната, не може да се изведат заклучоци за возрасни (≥ 18 години), адолесценти (≥ 10 и < 18 години) и деца (< 10 години).

Дополнително цитирани се референците од литературното пребарување со приказ на најчесто продаваните додатоци и храна за спортисти со BCAA што се продаваат на интернет и во малопродажба.

Автор на овој сеопфатен документ: "ЗДРАВСТВЕНА ПРОЦЕНКА НА РИЗИК ОД ДИЕТЕТСКА ЕКСПОЗИЦИЈА НА BCAA (BRANCHED-CHAIN AMINO ACIDS - АМИНОКИСЕЛИНИ СО РАЗГРАНЕТ СИНЏИР"  е Д-р Виктор АРСОВ, дипломиран доктор по медицина, специјалист интернист, експерт за здравствена проценка на ризик поврзана со опасности во храната, нутриција, диететски производи и алергии, помлад соработник за логистика за информации за здравствена проценка на ризик поврзани со опасности во храната, со речиси 18 годишно работно и професионално искуство во Секторот за проценка и комуникација на ризик (СПКР).