Ефектот на креатин монохидрат врз вежбите за тренинзи со отпор е опширно истражуван. Постојат бројни контролирани студии кои пријавиле зголемување на перформансите и мускулната сила при вежбите со краткотраен и максимален интензитет. Значителен број докази упатуваат дека креатинот ги зголемува перформансите при краткотрајни тренинзи при отпор со максимален интензитет. Постојат спротивставени докази во врска со ефектот на суплементацијата на креатин врз анаеробните перформанси. Доказите поддржуваат зголемување на чистата мускулна маса без маснотии и зголемување на бројот и волуменот на мускулните влакна од типот II во саркомерите. Зголемувањето на телесната маса забележано со креатинска суплементација се должи на намаленото производство на урина и задржување на водата во текот на почетната фаза на полнење/оптоварување со креатин, како и зголемување на нивоата на мускулниот гликоген. Нема докази дека суплементацијата на креатин влијае на синтезата на протеините.
Норвешкиот Научен Комитет за безбедност на храната (VKM) смета дека кај возрасни (≥18 години), дозата од 3,0 g/ден креатин во суплементите за храна веројатно нема да предизвика негативни здравствени ефекти, додека овие дози кај други популациони возрасни групи или поголеми дози можат да претставуваат ризик по здравјето.
Во овој научен документ опишан е метаболизмот, потенцијалните несакани ефекти од земањето на креатин монохидрат, научниот извештај за здравствената проценка на ризик од креатин монохидрат направена од VKM со заклучна карактеризација на ризик, референците, како и додатоците (суплементите) и храната за спортисти што можат да се купат на интернет или во продажба.
Автор на овој сеопфатен документ: "ЗДРАВСТВЕНА ПРОЦЕНКА НА РИЗИК ОД КРЕАТИН МОНОХИДРАТ ВО ДОДАТОЦИ ЗА ХРАНА И ХРАНА ЗА СПОРТИСТИ", е Д-р Виктор АРСОВ, дипломиран доктор по медицина, специјалист интернист, експерт за здравствена проценка на ризик поврзана со опасности во храната, нутриција, диететски производи и алергии, помлад соработник за логистика за информации за здравствена проценка на ризик поврзани со опасности во храната, со речиси 18 годишно работно и професионално искуство во Секторот за проценка и комуникација на ризик (СПКР).