Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство, вчера доцна попладне извршија запленување и уништување на околу 300 килограми небезбедна храна (смеса за подготовка на пирошки, пирошки, јајца) затекнати при инспекциската контрола во објект кој не е одобрен и регистриран од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Спроведената истрага утврди дека небезбедните пирошки кои предизвикаа дополнителни труења со храна, по Штип и во Кочанско, се произведувале нелегално, во домашни услови, во објект кој се наоѓал непосредно над операторот со храна ДПТУ „ Гицов „ ДООЕЛ од Кочани кој на 25 април беше затворен од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Небезбедните производи се повлечени и уништени меѓу кои и пирошките кои биле дистрибуирани на пазарот.
Со одземањето, спречувањето на нелегалното подготвување и дистрибуирање на небезбедните пирошки и нивно нештетно уништување под надзор на инспектор за храна, затворена е истрагата за овој случај на труење со храна, за што сторителот на делото ќе биде прекршочно и кривично гонет од страна на надлежните државни органи. Агенцијата за храна јавно се заблагодарува на граѓаните за дадената соработка при решавањето на овој случај.