Туберкулоза кај говедата најчесто е предизвикана од бактеријата Mycobacterium bovis. Од туберкулоза покрај говедата можат да заболат и други животни но и луѓето. Иако опасност од пренесување на болеста од говедата на луѓето постои, туберкулоза кај луѓето ретко се поврзува директно со болеста кај говедата и најголем број на случаи кај луѓето се предизвикани од друга бактерија Mycobacterium tuberculosis. Една од главните знаци на болеста кај говедата е хронична кашлица и прогресивно слабеење проследено со намалени продуктивни способности, но често се случува позитивни грла да имаат отсуство на клиничка слика.
Начин на ширење на болеста: Болното животно ја излачува бактеријата во околината најчесто преку издишан воздух, измет или млеко. Здравите говеда лесно се инфицираат во шталите затоа што живеат во непосреден контакт со болните животни преку вдишување на воздухот во кој се содржи бактеријата односно со директен контакт со инфицираната околина од изметот или млекото. Важно да се напомене е дека со купувањето на говеда со непознат здравствен статус (без соодветна документација) на добиточни пазари или директно од одгледувачите е најчест начин на внесување на болните животни во одгледувалиштата. Секоја година говедата се тестираат на туберкулоза со туберкулинизација. Прогласени болни говеда не се лекуваат, се одземаат и нештетно се отстрануваат а при тоа на сопственикот му се исплаќа надомест на штета во висина на пазарна цена на одземеното животно.
Агенцијата за храна и ветеринарство ги имплементира мерките за контрола на болеста согласно Програмата за сузбивање и искоренување на туберкулозата кај говедата која е донесена во 2007 година.
- Програмата за сузбивање и искоренување на Туберкулоза кај говедата [врска]