Труењето со храна е особено честа појава во летните месеци, бидејќи високите температури придонесуваат за полесно и побрзо развивање на микроорганизмите во храната. Од друга страна пак, луѓето во текот на летото повеќе консумираат ладна и сирова храна како што се: сладолед, салати, брза храна (сендвичи) и сл. Затоа, за да се спречи евентуалното труење со храна, Агенцијата за храна и ветеринарство Ве советува за следните едноставни чекори до храна која е безбедна за консумирање и тоа:
Правилен избор, набавка и транспорт на продукти за исхрана:
- При купувањето треба да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување на храната;
- Да се купува храна од проверени места,
- Лесно расипливите продукти треба да се купуваат исклучиво од објекти каде што производите се чуваат уредно во разладни уреди;
- Да се избегнува храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната);
- Оладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето;
- Храна од видот месо, млеко и јајца да не се чува долго време во автомобили и други транспортни средства;
- Да се одбегнува купување на оладена и смрзната лесно расиплива храна која стои надвор од ладилник или замрзнувач.
Хигиенска манипулација и чување на храната:
- Пред подготовка на храната добро да се измијат рацете;
-Оладената храна да се чува на температура пониска од 5 Ц, а топлата храна на температура повисока од 60 Ц;
- Овошјето и зеленчукот темелно да се измијат под млаз вода;
- Месото, млекото и јајцата термичкидобро да се обработат;
- Доколку после подготвувањето на храната не се консумира веднаш, треба да се чува во фрижидер до времето на сервирање;
- Често миење на рацете во текот на подготовката на храната;- Во фрижидер на најгорние полици треба да се реди зготвената храна, а подолу суровата храна;
- Храната да се заштити од инсекти и глодари кои може да ја контаминираат храната;
- Домашните миленичиња и други животни да не бидат во контакт со храната што се подготвува.
Купена веќе подготвена храна или консумирана храна во угостителски објект:
- Консумирајте храна на места кои имаат добра репутација;
- Категорија на објекти со висок ризик во летен период се објекти за брза храна и слаткарници;
- Доколку сте купиле топла, оладена или замрзната храна, треба што побрзо да ја донесете дома;
- Оладената и смрзната храна веднаш ставете ја во ладилник и замрзнувач;
- Одбегнувајте храна која остава впечаток дека е расипана или сменила боја;
- Проверете дали лицето кои послужува храна користи посебни штипки за различни видови храна;
- Во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник и тоа: мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и сл.
Консумирање на безбеден сладолед
- Да се купува сладолед од сигурни продажни места;
- Да се внимава на разладниот уред каде се чува сладоледот;
-Пред консумирање да се провери изгледот, мирисот и вкусот на сладоледот;
- Доколку се купува сладолед,пакуван сладолед, да се внимава на рокот на употреба, односно да се прочита означувањето.
ДОКОЛКУ СМЕТАТЕ ДЕКА ХРАНАТА НЕ Е БЕЗБЕДНА, НЕ РИЗИКУВАЈТЕ – ФРЛЕТЕ ЈА!