Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Салмонелоза

Болеста Салмонелоза е болест која се пренесува преку храна и најчесто се поврзува со консумација на јајцата и претставува важен јавно здравствен проблем. Бактерија, Salmonella enteritidis, може да се пронајде во совршено нормални јајца за конзумација, и ако истите се консумираат термички необработени, бактеријата може да предизвика болест. Потрошувачите треба да бидат свесни за можноста од постоењето на бактеријата и да научат како да ја превенираат можноста да заболат.

Појавата на првите симптоми кај лицата инфицирани со салмонела се јавуваат најчесто во период од 12 до 72 часа по конзумирање на контаминирана храна или пијалок и обично симптомите се појава на треска, абдоминални грчеви и дијареа. Болеста обично трае 4 до 7 дена. Дијареата може да биде изразена и во тешка форма, па задолжителна е препораката да се побара лекарска помош. Старите лица, доенчињата и оние со оштетен имунолошки систем може да имаат потешка форма на болеста. Кај овие категории на луѓе, инфекцијата може да предизвика тешки компликации па дури да заврши и летално доколку не се третира соодветно.

 

Како јајцата стануваат контаминирани со салмонела

Повеќето соеви на салмонела живеат во цревата на животните и птиците и се пренесуваат на луѓето од контаминирана храна од животинско потекло.  Јајцата се инфицираат во јајниците на здрави кокошки кога салмонелата ќе се најде таму пред формирање на лушпата. Докажано е дека само мал број на кокошки се заразени во било кое дадено време, а заразената кокошка може да несе многу здрави јајца додека само повремено да излачува салмонела и јајца контаминирани со бактеријата.

 

Кој може да се зарази со Салмонелоза

Здравата популација на возрасни и деца се изложени на ризик од салмонелоза поврзана со јајца, но зголемен ризик за сериозна болест се јавува кај постарите лица, доенчињата и лицата со оштетен имунолошки систем. Кај овие луѓе релативно мал број бактерии од салмонела може да предизвикаат сериозна болест.

 

Што може да се направи да се намали ризикот

Јајцата се безбедни кога со нив се ракува правилно. Чување на јајца соодветно во фрижидер го спречува понатамошното размножување на салмонела во јајцата. Се препорачува термичката обработка на јајцата пред консумација.

 

Контрола на салмонелоза

Контролата на салмонелоза кај живина се врши во согласност со Национален контролен план за намалување на присуството на салмонелоза кај кокошки несилки, матични јата, бројлери, инкубаторски станици (Gallus gallus) во Република Северна Македонија за период 2017-2021 година кој е воведен во согласност со Правилникот за начинот на вршење на официјални контроли на салмонела и други алиментарни интоксикации („Службен Весник на РМ“ бр 34/15). Национален контролен план за прв пат се применува од 2011 година.

 

Географска област во која се имплементира планот

Планот се применува на цела територија на Република Северна Македонија и во него се вклучени живина Gallus gallus (матични јата, јата несилки и јата бројлери).

 

Целта на планот

Цел на планот е намалување на раширеноста на салмонелозата која е од значење за јавното здравство во јата на домашна живина (Gallus gallus) во одгледувалишта на целните нивоа поставени во Правилник за начинот на вршење на официјални контроли на салмонела и други алиментарни интоксикации.

  • За матични јата (Gallus gallus) и јата бројлери (Gallus gallus) годишни целни нивоа на намалување на преваленца на позитивни јата е 1% или помалку. 
  • За јата кокошки несилки (Gallus gallus) годишни целни нивоа на намалување на преваленца е најмалку 10% во однос на број на позитивни јата на возрасни несилки во однос на претходната година.

 

Примена на планот е задолжителен за сите видови на јата (Gallus gallus) кои се одгледуваат на одгледувалишта со капацитет од:

  • Матични јата за репродукција (Gallus gallus) со капацитет 250 единки и повеќе , 
  • Јата несилки (Gallus gallus) со капацитет 350 единки и повеќе,
  • Јата за бројлерско производство (Gallus gallus),
  • Инкубаториски станици ( доколку функционираат како посебни единици).

 

Надлежен орган за спроведување на планот

Надлежен орган за спроведување на планот е Агенција за храна и ветеринарство.

 

Лабараториски Анализи

Назначена овластена лабораторија за контрола на салмонелозата кај живина(Gallus Gallus) во Република Северна Македонија е Факултет за ветеринарна медицина Скопје.

  1. Правилник за начинот на вршење на официјални контроли на салмонела и други алиментарни интоксикации (Службен Весник на РМ бр.34/15) [врска]
    • Правилник за дополнување на правилникот (Службен Весник на РМ бр.190/18) [врска]
  2. Национален контролен план за намалување на присуството на салмонелозата кај кокошки несилки, матични јата, бројлери, инкубаторски станици (Gallus gallus) во Република Северна Македонија за период од 2017-2020 [врска]
  3. Упатство за спроведување на Национален контролен план за намалување на присуството на салмонелозата кај кокошки несилки, матични јата, бројлери, инкубаторски станици (Gallus gallus) во Република Северна Македонија. [врска]
  4. Обрасци за евиденција на спроведување на НКПСЖ од страна на оператор со храна.
    • План за внатрешна проверка за спроведување на НКПСЖ [врска]
    • Тековна евиденција за спроведување на НКПСЖ [врска]
    • Пропратно писмо за испраќање на примероци на салмонела кај живина (Gallus gallus) [врска]