Прифатилиште за улични животни во рамките на Општина Аеродром, едукативни и информативни кампањи, субвенции за вдомување миленик и мрежа на „старатели“ на бездомните животни се само дел од предложените мерки на вчерашната средба со граѓанските здруженија и активисти за заштита на правата на животните.
Покрај градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, на средбата присуствуваа и Ана Марија Бранѓолица од ЈП „Комунална хигиена“, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, претставници на локалната полициска станица и стационарот Вардариште, како и претставници на граѓански здруженија и активисти за заштита на правата на животните.
На средбата се разви конструктивна дискусија за сите аспекти од третманот на уличните животни, од која излегоа конкретни предлози за згрижување и заштита на уличните животни. По внимателно разгледување на сите мерки, Општина Аеродром ќе состави и план за реализација со одбраните активности.
Општина Аеродром ќе ја интензивира соработката со граѓанскиот сектор и соодветните надлежни институции за да може да се делува координирано и ефикасно.