Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Потенцијални опасности и болести кај животните по поплавите

17.02.2015
Агенција за храна и ветеринарство

Тетанус - болест на која се подложни сите животни, но, посебно коњите, овците и козите. Животните кои имаат рани истите треба да се третираат и да се вакцинираат.

Ботулизам - Токсинот на Cl. Botulinum се размножува во распаднати лешови или во зеленчукот и може да го загади изворот на водата. Посебно чувствителни на оваа болест се коњите и птиците. Карактеристична клиничка слика е појава на парализа, а болеста започнува со слабост и потешкотии во земањето и голтањето на храната. Превентива е спречување на распаѓање на лешови и зеленчук.

Листериоза - болест која се карактеризира со нервни симптоми, слепило, вртење во круг и други неприродни однесувања. Опасност од појава на оваа болест постои при напасување со трева која е ниска до површината на земјата, хранење на животни со влажно старо сено, силажа, пченка или друга храна.
Заболените животни неопходно е да се третираат со антибиотици. Превентива е преместување на животните од изворот на Listeria.

Болест на чвореста волна - Изложеноста на волната кај овците на влажност во текот на подолг временски период може да предизвика појава на кожни инфекции од кои најчеста и најпозната е болеста на чвореста волна кај овците. Благите инфекции не предизвикуваат посериозни тешкотии, но, оваа болест може да биде фактор за привлекување на поголем број инсекти.
Кај животните се јавуваат и тешкотии при стрижење на волната. Болеста предизвикува појава на грутки и красти на волната. Мали красти може да се појават и на кожата на работ на ушите, устата и носот. Кај поголем број овци лезиите поминуваат сами, без терапија, крастите се подигнуваат од кожата со растење на волната.
Третман на заболените овци може да врши само овластен ветеринар, а одгледувачот треба да преземе мерки да ја спречи појавата на оваа болест, односно да не дозволи да дојде до навлажнување на волната во текот на подолг временски период.

Бактериско заболување на папците и копитата – се јавува во случај кога животните се чуваат на каллива површина или подолго период стојат во вода. Се манифестира со гнојни промени на папците кај говедата, овците и козите, или со воспаление на копитата кај коњите. Животните треба да се отстранат од калливи и влажни средини, копитата и папците да се исчистат, а мртвото ткиво да се отстрани. Во потешки случаи потребно е да се користат антибиотици.
Повреди - Доколку животните имаат повреди истите треба да се третираат со антибиотска маст, а ако станува збор за скршеници потребно е треба да се извести ветеринарот, или да се изврши еутаназија на животното.

*Бактериски болести
Најголем број на бактерии се развиваат и се размножуваат во влажна средина заради што појавата на болести предизвикани од бактерии може значително да се зголеми по обилни врнежи од дожд и при поплави. Зголемен е ризикот од појава на пнеумонија особено кај животните кои што инхалирале вода.
Како резултат на стресот и изложеноста на студ може да дојде до појава на Салмонелоза.
Заситувањето на почвата со вода може да доведе до активирање на заспаните бактериски спори и до појава на болести кои вообичаено не се појавуваат (на пример Јерсиниоза или Антракс).
Кај овците кои се напасуваат на висока трева под влијание на надуеноста на вимето од консумирање на бујна трева како и од механичките повреди од тревата и од мувите може да дојде до појава на маститис.
За време на поплави се препорачува животните да се вакцинираат против клостридијални инфекции и лептоспироза .
Исто така се зголемува можноста за механичко пренесување (преку инсекти) на одредени болести.

*Храна за животни
За време на поплава загрозена е благосостојбата на животните, а критичен фактор е исхраната. Најважно е да им се обезбеди храна на животните кои што потрошиле многу енергија пливајќи за да се спасат од надојдената вода. Во најголема опасност се гравидните животни кај кои кои брзо може да се развијат метаболички пореметувања кои ќе доведат до смрт на животните доколку не се нахранат соодветно.
Најдобар избор на храна е висококвалитетното сено бидејќи при дигестија од сеното се ослободува топлина која е неопходна за загревање на животните кои стојат во вода. Стоењето во вода и во летниот период, може многу брзо да предизвика хипотермија (намалување на телесната температура) кај животните. Затоа треба да се направат напори животните да се пренесат на суво, повисоко место.
Со повлекување на надојдената вода треба да се најде начин како да се прехранат преживеаните животни во наредните месеци, бидејќи резервите на храна и посевите се уништени од поплавите.
Храната која што ќе се добие како донација за поплавените подрачја може да биде во задоволителна количина, но, со слаб квалитет и несоодветна за исхрана на одредени категории на животни. Секоја промена во начинот на исхрана на животните треба да се воведува постепено, што е речиси невозможно во услови на поплава.
Треба да се користи груба, сува храна за да се ублажи преминот кон високо енергетска храна како што е житото. Потребно е да се додадат протеини и уреа ако животните се хранат со храна со ниска нутритивна вредност.
Храната која е навлажнета со вода многу брзо може да мувлоса особено на повисоки температури што може да доведе до драматично намалување на нутритивната вредност и квалитетот на храната. Одредени мувли се токсични и може да предизвикаат нагла смрт кај животните, или пак одредени здравствени нарушувања како оштетување на црниот дроб. Затоа пред да се даде храната на животните треба се изврши проценка на истата.
За да се утврди дали храната е токсична, пред да се искористи за исхрана на животните, треба да се испрати примерок на лабораториско испитување.
Во краен случај, при недостаток на храна, мали количини од потенцијално токсичната, мувлосана, храна може да се помешаат со хигиенски исправна храна и на тој начин да се искористи за исхрана на животните.
Да се побара и совет од матичниот ветеринар или агроном за да се обезбеди соодветна програма на исхрана и благосостојба на животните.

*Квалитет на водата за напојување
Треба да се има предвид дека животните може да одбиваат да пијат од надојдената вода која што може да биде загадена и да има различен вкус од водата на која што се навикнати. Кога ги храните животните внимавајте дали ќе се напијат вода.
Надојдената вода и интензивните врнежи од дожд може да ја контаминираат водата во резервоарите со тиња и органска материја. Затоа, пред да се напојат животните треба да се провери дали водата е згадена.

*Инсекти и артроподи
Влажна сезона ( со или без поплави) доведува до зголемување на популацијата на инсекти и артроподи (на пример крлежи). Бројот на комарци и мушички може драстично да се зголеми и да предизвика иритација и анемија кај животните.
Појавата на болести кои се пренесуваат преку вектори (инсекти) може да се зголеми, или пак да дојде до појава на нови болести.
Зголемениот број на крлежи може да доведе до појава на парализа кај телињата, анемија и иритација што придонесува за губење на кондиција.Може да дојде и до појава на анемија предизвикана од крвниот паразит Theileria buffeli кој се пренесува преку крлежите.
Зголемениот број на муви (коњска и други типови на муви кои ги напаѓаат животните) може да доведат до губење на кондицијата кај животните и намален квалитет на волната и кожата.

Категорија