Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Одржана третата работилница за биосигурност на свињарските фарми

24.04.2018
Одржана третата работилница за биосигурност на свињарските фарми

Претставници од комерцијалните одгледувалишта на свињи и официјални ветеринари вчера беа дел од работилницата „Програма за мониторинг и надзор на високо заразни болести кај свињите, биосигурносни мерки и категоризација на одгледувалишта на свињи“, која се одржа во Скопје како трета работилница во рамки на твининг проектот МК 12 IPA AG 01 2016 за јакнење на капацитетите во Агенцијата за храна и ветеринарство, во делот на здравствена заштита на животните. Д-р Марко Сенси, експерт за болести кај свињи и биосигурност во свињарството од Зоопрофилактичкиот институт од Италија и Билјана Стројмановска раководител на Одделението за планови за итни мерки при Агенцијата за храна и ветеринарство на учесниците на работилницата детално им го објаснија значењето на воведувањето на биосигурносните мерки на одгледувалиштата.
Акцент во обраќањето до присутните беше ставен на контролата на здравствена заштита на животните и намалувањето на ризикот од внес на патогени микроорганизми во одгледувалиштата. Тие, беше потенцирано, би можеле да имаат директни влијанија на здравствениот статус на одгледувалиштето и на самиот процес на производство. Воведувањето на биосигурносните мерки на одгледувалиштата, беше потенцирано на обуката, претставува обврска на одгледувачите на животните.
На работилницата учесниците се запознаа со ризикот од појавата на болестите класична и африканска чума кај свињите, како полесно да ги препознаат болестите доколку се појават во нивните одгледувалишта. Детално им беа презентирани и обврските кои ги имаат за пријавување при евентуална појава на овие болести.
Агенцијата за храна и ветеринарство во моментов врши категоризација на одгледувалиштата на свињи со цел утврдување на нивото на ризик во нив преку процена и утврдување на степенот на биосигурносните мерки кои се имплементирани. Објаснети беа и критериумите за категоризирање на свињарските фарми и од аспект на тоа како се исполнети здравствените барања за животните и хигиенските барања на одгледувалиштата.

Ознаки
Категорија