Операторите со храна за животни поднесуваат барање за добивање одобрение за оператор со храна за животни и објект за производство, обработка и манипулација со храна за животни. На интернет страна на Агенцијата за храна и ветеринрство, во делот Обрасци [врска] под реден број 18 објавено е Барањето за одобрување за оператор со храна за животни и објект за производство, обработка и манипулација со храна за животни кое се пополнува од страна на одговорното или овластеното лице во правното лице и се заверува со негов потпис и печат на правното лице. Во прилог на барањето, објавена е листа на дополнителна документација која се приложува кон барањето за одобрување за оператор со храна за животни и објект за производство, обработка и манипулација со храна за животни. Во барањето се наведува активноста која ќе се врши, и тоа:
- производство и/или ставање во промет на адитиви на храна за животни;
- производство и/или ставање во промет на протеини добиени од микроорганизми од групата на бактерии, квасци, алги, нижи габи и ко-производи од производството на аминоациди со ферментација;
- производство и/или ставање во промет на премикси кои се подготвени од адитиви на храна за животни;
- производство за ставање во промет или производство за потребите на нивните одгледувалишта, крмни смеси со помош на адитиви или премикси кои содржат адитиви на храна за животни;
- производство, преработка или дистрибуција на одредени производи кои се користат во исхрана на животните;
- производство на медицирана храна за животни.
Агенцијата за храна и ветеринарство го одобрува или одбива барањето за добивање одобрение за оператор со храна за животни и објект за производство, обработка и манипулација со храна за животни во рок од 90 дена од денот на приемот на барањето, врз основа на поднесените документи и извештајот од извршениот увид од страна на комисијата за исполнување на условите.
Доколку документацијата доставена од страна на операторот со храна за животни не е комплетна или е нејасна, до подносителот на барањето се доставува Известување за докомплетирање на документацијата со напомена дека во даден временски рок (15 дена од денот на приемот на известувањето) потребно е да ја достави комплетната документација. Доколку подносителот на барањето не ја достави потребната документација во дадениот временски рок, Агенцијата го одбива барањето.
Увидот на лице место во објектот и кај операторот со храна за животни се врши од страна на најмалку тројца членови од комисијата заедно со официјалниот ветеринар од подрачната единица каде е лоциран објектот и претставник на операторот со храна за животни. Доколку при првиот увид на лице место, комисијата утврди дека објектот ги исполнува барањата за инфраструктура и опрема, но не и другите барања (добра производна и добра хигиенска пракса и НАССР систем), Агенцијата за храна и ветеринарство издава Решение за одобрение на оператор со храна за животни и објект за производство, обработка и манипулација со храна за животни со важност од три месеци. Доколку при повторниот увид на лице место е направен очигледен напредок, но објектот сеуште не ги исполнува сите услови, надлежниот орган може да го продолжи решението за одобрение за дополнителни три месеци со издавање на ново решение за одобрение со важност од три месеци, но најмногу за период од шест месеци од денот на поднесување на барање од страна на операторот со храна за животни.
Агенцијата за храна и ветеринарство води Листа на одобрени објекти и оператори со храна за животни која тековно се ажурира и се објавува на интернет страната на Агенцијата за храна и ветеринарство, во делот Регистри [врска].