Агенцијата за храна и ветеринарство ја донесе Годишната Наредба за здравствена заштита на животните за 2019 година, во која се содржани активностите од јавен интерес од областа на здравствената заштита на животните. Со цел обезбедување на повисоки стандарди за здравствена заштита на животните и заштита на јавното здравје, со Наредбата, дефинирани се превентивните и заштитните мерки и активности за контрола, надзор и искоренување на болестите кај животните кои годинава ќе ги спроведе Агенцијата за храна и ветеринарство, а за што се предвидени 337.260.000 милиони денари од буџетот на Република Северна Македонија.
За прв пат годинава, Агенцијата ќе покрива 50 проценти од трошоците за вакцинација на сите овци и кози против Eнтеротоксемија како задолжителна мерка која треба да ја спроведат ветеринарните друштва и која до оваа година беше на трошок на одгледувачите на добиток. Покрај против оваа болест, годинава, овците и козите ќе се вакцинираат и против Бруцелоза и Антракс (таму каде има воспоставено дистрикти на оваа болест). За заштита од заразни болести копитарите ќе се вакцинираат против Антракс и ќе се врши земање на примероци за Инфективна анемија кај копитарите, а ќе се спроведе и мониторинг на болеста Западно нилска треска со лабораториско испитување на мостри.
И оваа година, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе спроведе мерки за надзор, контрола и искоренување на болеста Бруцелоза кај говедата согласно Програмата за сузбивање и искоренување на Бруцелозата кај говедата, против болеста Луди крави и Туберкулоза кај говедата. Кај оваа категорија животни ќе се изврши превентивна вакцинација против болестите Антракс и Болеста на чвореста кожа.
Кај пчелите, согласно оваа Наредба, ќе се врши клинички преглед и земање на мостри за лабораториско испитување и за потврда на евентуална појава на болеста Американска чума на пчелното легло, а свињите превентивно ќе се вакцинираат против Класична чума. Со Наредбата, почнувајќи од минатата година, дефинирани се и унапредени биосигурносните мерки кои задолжително треба да ги спроведат одгледувачите со цел спречување на внесување и ширење на заразни болести кај свињите.
Агенцијата за храна и ветеринарство и годинава ќе спроведе активен надзор со земање на мостри и вршење на лабораториско испитување заради утврдување на евентуално присуство на болеста Птичји грип кај живината, а мониторинг и дијагностичко испитување ќе се спроведе и заради утврдување на епидемиолошката состојба со болеста Западно нилска треска кај живината. Целата живина на територијата на Република Северна Македонија ќе се вакцинира против Њукастелската болест, а ќе се преземат и мерки за надзор, контрола и искоренување на Салмонелата кај кокошките.
Со годинашната Наредба за здравствена заштита на животните, предвидено е спроведување на мерки за здравствена заштита на аквакултурата, за заштита од заразни и паразитски болести кај кучињата и кај дивечот. Согласно Наредбата, со цел постигнување на повисок степен на здравствена заштита на животните, заштита на здравјето на луѓето и животната средина, одгледувачите треба да спроведат дезинфекција, дезинсекција и дератизација во одгледувалиштата, објектите, превозните средства и дворовите, а заради контрола на движењето и здравствената состојба на животните и оваа година, ќе се продолжи со спроведување на системот за идентификација и регистрација на животните и попис и идентификација на одгледувалишта.