Комисијата за заштита и благосостојба на животните која врз основа на Законот за заштита и благосостојба на животните ја формира Агенцијата за храна и ветеринарство, вчера одржа работен состанок на кој беше подготвен и разгледан нацрт текст на Правилникот за регистрација на сопствениците на куче, одгледувачниците и продавниците на домашни миленици. На состанокот беа разгледани барањата во однос на условите, просториите и опремата кои треба да ги исполнат продавниците за домашни миленици и одгледувачниците, како и за формата и содржината на евиденцијата која треба да ја водат регистрираните сопственици на куче, одгледувачниците и продавниците на домашни миленици, како и формата и содржината на регистарот на регистрирани сопственици на куче, одгледувачници и продавници за домашни миленици. Овој подзаконски акт ќе биде донесен по усвојувањето на измените и дополнувањата на Законот за заштита и благосостојба на животните, со кој ќе се доуреди одговорното сопствеништво на домашните миленици.
Правилникот ја пропишува постапката за регистрација на регистрираните сопственици на куче како и на одгледувачниците и продавниците за домашни миленици, барањата во однос на условите, просториите и опремата кои треба да ги исполнуваат одгледувачниците на кучиња и продавниците за домашни миленици.
Целта на донесувањето на овој правилник е да се стави под контрола неконтролираното размножување на кучињата, а краен резултат треба да биде намалување на бројот на бездомни кучиња.
По донесувањето, предвиден е преоден период за имплементација на правилникот, а за обврската и постапката за регистрација на сопствениците на куче, одгледувачниците и продавниците на домашни миленици, граѓаните ќе бидат навреме известени преку информативна кампања која ќе ја организира Агенцијата за храна и ветеринарство.