Со оваа програма се врши мониторинг на безбедноста на храната за животни заради откривање на присуство на резидуи, контаминенти и недозволени или непожелни супстанции, суровини и производи во храната за животни.
Целта на оваа програма е утврдување на одредени несообразности во однос на прописите за безбедност на храната за животни. Оваа програма се применува во сите фази на производство, преработка и дистрибуција на храната за животни, со исклучок на примарното производство на храна за животни наменета за исхрана на животни кои се одгледуваат за производство на храна за луѓе за сопствени потреби во домаќинството. Земањето примероци и лабораториското испитување се врши за следните патогени агенси и супстанции/групи на супстанции:
- Микробиолошки опасности (Salmonella);
- Неоргански контаминенти и азотни соединенија;
- Микотоксини;
- Органохлорни соединенија (со исклучок на диоксини и полихлорирани бифенили);
- Диоксини и полихлорирани бифенили;
- Одобрени адитиви;
- Контаминација со забранети животински протеини.
Со оваа програма се спроведуваат одреден број аналитички испитувања за утврдување на микробиолошката исправност на храната за животни, одредување на нивото на непожелни супстанции во храната за животни и утврдување на присуството на забранети супстанции во храната за животни согласно:
- Методологијата за спроведување на мониторингот за безбедност на храната за животните (Службен весник на РМ бр. 128/2017) [врска]
- Правилникот за начинот на вршење на мониторинг и контрола на присуство на резидуи, контаминенти, недозволени супстанции, сировини и производи во храна за животни и начинот на вршење на официјални контроли и постапките за мониторинг и контрола на резидуи (Службен весник на РМ бр. 128/2017) [врска]
- Правилникот за општи и посебни барања за безбедност на храната за животни (Службен весник на РМ бр. 149/12 и 53/13) [врска]
- Правилникот за листа на непожелни супстанции во храната за животни и максимално дозволено ниво како и критичните точки за спроведување на истражување за идентификација на изворот и причините за пречекорување на максимално дозволеното ниво (Службен весник на РМ бр. 47/12) [врска]
- Правилникот за начинот и постапката на земање примероци, начин и методи на вршење на лабораториски анализи на храната за животни (Службен весник на РМ бр. 151/12) [врска]
- Листата на суровини, материјали и други производи чие ставање во промет и употреба се забранети (Службен весник на РМ бр. 149/12) [врска]