Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Презентирани предлог измените на Законот за ветeринарно медицински препарати

20.08.2018
Презентирани предлог измените на Законот за ветeринарно медицински препарати

Поедноставување на процедурите за добивање одобренија за лекови кои се користат во ветеринарството, поевтинување на постапката за одобрување на лековите за ретки болести и ретки животни, како и поголема контрола на употребата на лековите кај животните за да се заштитат луѓето, предвидуваат предложените измените на Законот за ветеринарно медицински препарати подготвени од Агенцијата за храна и ветеринарство. Измените на законот, информира МИА, предвидуваат и воспоставување на национален центар за информирање од каде што ќе можат да се добијат податоци за тоа кој лек на кое животно и во која фарма е користен.

„Со тоа ќе се стави ред посебно кај користењето на антибиотиците, сѐ со цел да се намалат лошите последици врз здравјето на луѓето“, рече Зоран Атанасов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство на денешната прес конференција во Стопанската комора на Македонија.

Според него, имените на Законот за ветеринарно-медицински препарати треба да придонесат за подобрување на деловната клима за работа на ветеринарните лекари, но и поголема безбедност на потрошувачите.

„Административната постапка за добивање одобрение за некој лек од 240 дена сега се сведува на еден месец. Со воспоставувањето на Националниот информативен систем ќе имаме повеќе информации за тоа кои лекови се дозволени, кои се користат и кои од лековите се во недостиг. Тоа ќе овозможи да преземеме соодветни мерки“, рече Атанасов.

Според Блажо Јаневски, раководител на Секторот за стручна поддршка во Агенцијата, со измените ќе се засилат и контролите за да се спречи можен увоз и продажба на фалсификувани лекови во ветеринарството.

„Со ова ќе се исклучи можноста вакви лекови да се најдат на македонскиот пазар. Законски се решава и прашањето за набавка на лекови за ретки болести и ретки животни кои досега веледрогериите немаа интерес да ги увезуваат. Сега ги ослободуваме од сите административни трошоци, а со тоа веруваме ќе ги поттикнеме веледрогериите да набавуваат и лекови за ретки болести кај животните“, рече Јаневски.

Предложените измени на Законот за ветеринарно-медицински препарати, како што беше истакнато на денешната прес конференција, е донесен во соработка со Ветеринарната комора и Стопанската комора на Македонија.

Одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата, директорот Атанасов информира дека по добиен список од 30 можни производители на генетски модифициран ориз, Агенцијата за храна и ветеринарство денеска ги продолжува контролите на терен.

-Позната е и сортата ориз добиена од генетски модифицираното семе. Со контролите ќе се утврди кои се тие производители, по што ќе бидат преземени и мерки соодветно на законот. Имаме сознанија која е сортата на ориз и имаме список на лица кај кои може да се најде. Денеска екипите се повторно на терен. Детално ќе се влезе и ќе се утврди кои се тие производители. Добиен е список од 30 можни кај кои ќе се појде. Тоа ќе се реализира во соработка со Управата за семе и саден материјал при Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство, истакна Атансов.

Според директорот, контролите се зајакнати не само во земјава, туку и на граничните премини при увоз. Се подготвува план за контрола на годишната, но и на реколката ориз за 2019. Атанасов напомена дека одговорноста за увезеното семе не е надлежност на Агенцијата, туку, како што рече, на друга институција.


Категорија