Македонија не знае колку кучиња скитници има, ниту располага со точна бројка на миленици. Општините, во чија надлежност се уличните кучиња, допрва ќе учат како да ги пребројуваат и допрва ќе формираат прифатилишта или ќе склучуваат договори со шинтерски служби.Како што најави директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов на денешниот брифинг со новинарите, почнуваат интензивни активности за решавање на овие два проблема, регистрирање на кучињата скитници, но и целосно идентификување на милениците со микрочипови. Со ова се очекува да се стави ред, особено во руралните средини.
-Од 12 до 16 март во соработка со Британското кралско здружение за заштита на животните од суровост, ќе се спроведе пребројување на бездомните кучиња во Општина Центар. Идејата е, локалните самоуправи да научат како да ги пребројуваат уличните кучиња и потоа, таквиот процес да го спроведуваат во нивни рамки, рече Атанасов.
За миленичињата, пак, ќе се набават 100.000 микрочипови со вкупно 18 милиони денари кои ги обезбеди АХВ. Микрочипирањето ќе биде бесплатно за сопствениците на кучињата (и мачките), но ќе мора да се спроведе, односно тие ќе треба да ги сносат само трошоците за вакцина против беснило и пасош кои изнесуваат околу 800 денари. Во спротивно следуваат казни, од 100 до 150 евра за физичко лице, односно за сопственикот кој не го идентификувал својот миленик со микрочип.
- Тендерот за набавка на микрочиповите е распишан, постапката тече. Практично, државата ќе инвестира, но и ќе бара Законот да се почитува, напомена директорот, додавајќи дека микрочипирањето се очекува да почне во мај - јуни годинава.
Според последните податоци на АХВ, околу 4.000 миленици засега имаат микрочипови, но тоа не значи и дека толку миленици има зашто голем број од сопствениците не ги идентификуваат со образложение дека им е скапо. Во однос на бездомните кучиња, пак, слободната проценка е, како што рече Атанасов, дека само во Скопје има околу 6.000, но оваа бројка е утврдена врз основа на досега заловени и обележани кучиња што, повторно, не значи дека нема повеќе.
На новинарско прашање, Атанасов одговори дека ротфајлерот кој во декември 2017 година искаса луѓе во Аеродром, е кастриран, ресоцијализиран и пратен во Италија по барање за вдомување.
Атанасов на средба со новинарите информира за повеќе тековни активности на АХВ. Меѓу другото, рече дека од утре почнува со работа системот за брзо информирање за небезбедна храна, храна за животни и материјали кои доаѓаат во контакт со храна. Наскоро почнува и пописот на копитари (коњи, магариња, мулиња и мазги). Во април годинава Македонија ќе биде пилот земја заедно со БиХ, Србија и Хрватска, за креирање процедури за справување со шап и лигавка.
АХВ достави и тригодишна стратегија за благостостојба на животните до Владата со која се дефинирани четири приоритети: намалување на бројот на кучињата скитници, благосостојба на животните при транспорт и колење, посебно на јагнињата, како и благосостојба на кокошките несилки.
Директорот Атанасов се пофали и дека Светската организација за здравствена заштита на животните го прифатила македонскиот план за справување со класична свинска чума. Планот ќе биде земен како урнек од страна на Организацијата и ќе може, врз основа на него, и други земји да го користат и да ги креираат своите планови за борба против оваа болест.