Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Граѓаните јадат безбедно месо без антибиотици и хормони

19.10.2017
Граѓаните јадат безбедно месо без антибиотици и хормони

Агенцијата за храна и ветеринарство најостро ги демантира наводите во текстот ,,Состојбата е алармантна! Заштитете се себе си и вашите деца: Еве како да препознаете дали месото е полно со антибиотици и хормони” објавено на интернет порталот www.skopje24.mk, а преземено од неколку други интернет изданија во кој неодговорно се тврди дека граѓаните јадат месо полно со антибиотици, хормони и адитиви. Станува збор за паушални наводи и груби манипулации, со кои се доведуваат граѓаните во заблуда и неосновано кај нив се наметнува состојба на страв за сопственото и здравјето на нивните семејства.
Доблесно, во интерес на вистината и објективното информирање на јавноста, е медиумот да се обрати и да побара релевантни одговори од најповиканата институција за безбедноста на храната - Агенцијата за храна и ветеринарство, а не настапувајќи од позиција на медиум, да им го ускрати на граѓаните нивното право да ја знаат вистината и во јавноста, да пласира паушални, непроверени и неточни тврдења.
Како одговорна институција за безбедноста на храната и храната за животни и здравствената заштита на животните најодговорно тврдиме дека употребата на антибиотици и хормони во производство на месо и млеко во Република Северна Македонија е законски регулирано, со прописи кои се порестриктивни во споредба со европските со кои се усогласени, а законски е утврдено и правилното и одговорно користење на ветеринарно медицинските препарати, вклучително и антибиотиците и хормоните.
Животните кои се колат во кланица се пропратени со Сертификат за здравствена состојба за животните издаден од надлежен ветеринарен доктор во кој се потврдува дека животните во последните четири недели не се лекувани ниту хранети со храна која содржи ветеринарно медицински- препарати (антибиотици и хормони). Доколку инспекторот при клиничкиот преглед се посомнева за употреба на антибиотици се земаат дополнително мостри за анализа. Месото се пушта во промет исклучиво по добивање на негативен резултат.
Од 2002 година, Агенцијата за храна и ветеринарство ја спроведува Националната мониторинг програма за контрола на резидуи од ветеринарно - медицински препарати и контаминенти во живите животни и храната од животинско потекло, вклучително и на антиботиците и хормоните. Испитување на присуство на антибиотици во млеко и месо и хормони во месо се врши и од страна на официјалните ветеринари при секој сомнеж при спроведување на официјалните контроли.
Гаранција плус дека овој тип храна не содржи резидуи од антибиотици и хормони е и законската обврска на операторите да спроведуваат сопствени испитувања покрај испитувањата кои ги вршат инспекциските служби. Секоја пратка со храна од животинско потекло која се увезува во земјава задолжително е проследена со ветеринарен сертификат, со кој се гарантира дека храната која се увезува не содржи ниту остатоци од антибиотици и хормони, а безбедноста се потврдува и со дополнително земање на мостри за лабораториско испитување, а контроли се вршат и на увозните пратки и при истовар.
Резултатите од досега извршените испитувања покажуваат дека храната од животинско потекло пласирана на пазарот во Република Северна Македонија е без присуство на антибиотици и хормони, односно дека од овој аспект таа е безбедна.
Апелираме до граѓаните месо да купуваат само од регистрирани месарници и кое содржи декларација за неговото потекло и за здравствената исправност.

Категорија