Mинистерството за земјоделство шумарство и водостопанство потпиша Меморандум за соработка со Националната организација „Слоуфуд Македонија“. Целта на соработката е зачувување на агробиодиверзитетот, унапредување на производствата на храна од мал обем и зачувување на автентични и органски производи, сето тоа во функција на руралниот развој и развојот на гастрономијата и туризмот.
Преку меморандумот ќе се заштитат локалните семиња, овоштарство и лозарство, сточарство, традиционалните производи и примената на ознаки за квалитет. Исто така ќе се работи на зајакнување на свеста за органското производство, маркетинг и промоција на македонската традицонална храна, имплементација на европските регулативи и се друго поврзано со традиционалното производство. Соработката ќе се реализира преку изработка на заеднички проекти, измени и дополнување на закони, правилници и програми, организирање на јавни дебати, студиски посети и друго.
„Македонија е богата со разновидни традицонални земјоделски производи и храна, препознатливи по својот вкус не само на домашниот туку и на странскиот пазар. Поддршката на локалното производство, во голема мера може да влијае врз одржлив и економски развој на руралните подрачја, што крајно ќе влијае и врз подобрување на условите живот. Затоа, како држава, неопходно е да воспоставиме систем на заштита на традицоналното производство и поддршка на локалните производители. Ваков систем на поддршка веќе имаат воспоставено голем број земји членки на Европската унија“, изјави министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Во новата Програма за рурален развој МЗШВ издвои 60 милиони денари преку кои ќе ја поттикне промоцијата на македонските земјоделски производи дома и во странство, односно ќе поддржи и учество на 25 домашни и странски саемски манифестации. Дополнително преку мерката Поддршка за маркетинг и промоција на земјоделски производи, нудиме поддршка за воведување на заштитени ознаки за традиционални производи, отворање на органски продавници, амбалажа на преработени земјоделски производи, изработка на маркетинг платформа и друго.
Преку овој Меморандум земјоделците ќе имаат директна помош да ги афирмираат своите производи, но и да ги унапредат на домашниот и странски пазар. Целта на МЗШВ е да поттикне зголемено производство и економски развој, а истовремено промовираат и заштитат квалитетните традиционални земјоделски производи.