
Агенцијата за храна и ветеринарство оваа година се приклучи на 19-тиот Светски ден на беснило - 28 септември. Овогодинешното мото „Делувајте сега: вие, јас, заедниците“ Ве повикува вас, мене и нашите заедници да преземеме одговорност, да работиме заедно и да поттикнеме вистински промени. Преземете акција во вашиот личен живот - вакцинирајте го вашето куче, едуцирајте се за тоа како да го спречите беснило и профилакса пред и по експозицијата, инспирирајте ги другите, обучете професионалци или поддржете ги напорите за елиминација на беснило во вашата заедница, работејќи заедно преку организирање на кампањи за вакцинација, едукација на учениците и нивните семејства и поддршка на посилни програми за елиминација на беснилото.
На секои девет минути, беснилото зема уште една жртва, но смртта може 100% да биде спречена. Кога работиме заедно, елиминирањето на оваа болест засекогаш зависи од тоа сите ние да дејствуваме сега! Свеста за превенција од каснување од куче и што да се прави во случај на каснување од куче е од клучно значење. Беснилото не мора да биде фатално ако се преземат сите чекори по изложеноста.
Агенцијата за храна и ветеринарство континуирано презема активности за контрола и одржување на позитивна епидемиолошка состојба кога е беснилото како болест во прашање. Акцијата на зголемување на бројот на идентификувани и регистрирани, а со тоа и вакцинирани против беснило миленици (кучиња и мачки) е само дел од мерките кои се преземаат,а се основа и за воспоставување на контрола на популацијата бездомни животни. Апелираме до држателите на домашни миленици, кучиња и мачки на одговорно сопствеништво, редовна задолжителна годишна вакцинација на домашните миленици и микрочипирање.
За прв пат по пауза од три години, Агенцијата за храна и ветеринарство започна со кампања за орална вакцинација на лисиците, со цел подобрување на епидемиолошка состојба со болеста беснило во земјава и регионот кај дивата популација. Кампањата за авионска дистрибуција на 450.000 вакцинални мамки започна на 15 септември и се очекува да заврши во текот на оваа недела, но што во рок од 15 дена ќе се започне со земање на примероци за проверка на успешноста на вакцинацијата. Во тек е кампањата стоп Беснило – пријави и спречи, која има за цел да го зголеми пасивниот надзор на болеста, односно да се провери евентуалното присуство на вирус кај угинати животни кои се приемчиви на беснило. Притоа, упатуваме апел до сите возачи и граѓани доколку забележат угинато животно приемчиво на болеста – лисица или други диви месојади, истото да го пријават на бесплатниот телефонски број 0800 00 210 или во канцелариите на подрачните единици на Агенцијата за храна и ветеринарство.