Во оваа научна ревија опфатени се опсежно труењата со храна со фокус на салмонелозите. Опишана е етиопатогенезата со табеларни прикази на карактеристиките, инкубацијата и најчестите видови афектирана храна од одредени патогени, клиничкиот алгоритам за иследување на пациенти затруени со храна, терапијата, одобрените антимикробни лекови во ЕУ од страна на Европската Агенција за Лекови, RASFF пријавените 3320 нотификации за salmonella во различни прехранбени производи/категории на храна за периодот 01/01/2020 – 25/11/2024 со приказни табели, графикони, трендови и нивен стручен коментар, како и статистички податоци и графикони од ЕCDC годишните извештаи за салмонелозите достапни од нивната веб страница. На крајот на овој осежен документ наведена е користената научна и веб стручна литература.
Фигура 1: Тренд на позитивни мостри храна (2013-2024) каде се идентификувани салмонели
Статистичката крива/тренд се однесува на тренд – движење во временскиот интервал од 2013-2024-та на бројката на позитивни мостри од храна каде е идентификувана/изолирана салмонелата како микробиолошки агенс од базата на податоци што ја води Секторот за проценка и комуникација на ризик, Агенција за храна и ветеринарство. Од неон зелената сино илуминирана крива се забележува дека максималната бројка е регистрирана во 2022-та година, кога имаме 65 позитивни примероци од храна каде е утврдена салмонела, а потоа по опаѓачки редослед доаѓаат 60 позитивни мостри на храна во 2018-та, 33 во 2019-та, 28 во 2024-та, 23 во 2013-та, 18 во 2017-та, по 15 мостри во 2020-та и 2023-та година, 12 во 2021-та, 10 во 2016-та и минимална бројка во 2014-та (5) и 2015-та (3). Воочлив е инклинирачки (растечки) линеарен тренд во анализираниот 12-годишен период во Р.Северна Македонија на позитивни примероци од храна каде се лабораториски идентификувани патогените салмонели.
Фигура 2: Тренд на салмонелози пријавени до ИЈЗ (2013-2024)
Графиконот се однесува на движењето на вкупната бројка на пријавени хумани случаи на салмонелоза во Р.Северна Македонија за анализиран 12-годишен период од 2013-та до 2024-та година. Податоците се добиени од месечните извештаи за заразни заболувања што ги води ИЈЗ и што се или биле јавно достапни на нивната веб страница. Од кобалт сината неон зелено илуминирана крива се воочува дека најголем број репортирани случаи на салмонелози имало во 2018-та година, дури 373 случаи, па потоа по опаѓачки редослед – 348 во 2015-та, 317 во 2017-та, 315 во 2024-та, 294 во 2023-та, 262 во 2013-та, 254 во 2016-та, 228 во 2019-та, 204 во 2014-та, 194 во 2021-та, 167 во 2022-та, 69 во 2020-та. Забележлив е хоризонтален до лесно инклинирачки/растечки тренд во репортираните хумани случаи на салмонелоза во РСМ во изминатиот 12-годишен временски интервал.
Фигура 3: Пријавени случаи на салмонелози до ИЈЗ за петгодишен период (2020-2024)
Коментар на графиконот (компаративни криви за бројка на случаи на салмонелози за анализиран петгодишен период 2020-2024, податоци – јавно достапни од месечните извештаи за заразни заболувања на ИЈЗ): Воочливо е дека во 2020 (црвената линија) имало најмалку пријавени случаи на салмонелози до ИЈЗ, само 68 за целата година, со пик во септември (16 случаи). Наредната 2021 (окер неон линија) се регистрира значително поголем број пријавени случаи – 194, со бимодален пик – едниот во мај (53 случаи) – најверојатно поврзан со велигденско-првомајските, верските празници и слави и вториот во октомври (32). Истите можат да се должат на ненавремено репортирање или системска ИТ грешка од страна на матичните лекари. Третиот поголем пик е класичен во јули. Во 2022 (аквамарин неон/дреч сина линија) има пријавено помала бројка на салмонелози од претходната – 167, со помали пикови во мај (22) и септември (19). Не се регистрира сигнификантно зголемен број пријавени случаи во типичните летни месеци. Портокаловата неон линија за 2023-та има два пика – едниот типичен во август (54 случаи) и вториот помал во ноември (46). Во оваа година вкупната бројка на салмонелози според извештаите изнесувала – 294. Во 2024-та година (baby blue - бебешко сино/неон) има регистрирано најголем број случаи на салмонелоза – дури 315, со најголем пик во анализираниот петгодишен период – 75 случаи пријавени за месец јули.
Фигура 4: Компаративни трендови на пријавени хумани случаи на салмонелоза и позитивни мостри од храна по микробиолошки критериуми за салмонели за 12 годишен период (2013-2024)
Од графиконот со компаративните трендови (серија 1 што се однесува на пријавени случаи на хумани салмонелози и серија 2 што се однесува на бројка на позитивни примероци од храна во однос на салмонели) се гледа совпаѓање (конкордантност) во однос на годините – 2012, 2013, 2014, 2015, 2017, 2018, 2019, 2020 и 2024-та година и дискордантност за 2016, 2021, 2022 и 2023-та година.
Фигура 5: Серовари на Salmonella идентификувани и потврдени лабораториски од RASFF нотификации за периодот 01/01/2020 - 25/11/2024 за 3320 нотификации во различни прехранбени производи/категории на храна во однос на сите земји што пријавуваат на EC порталот
Фигура 6: Столпчест/бар дијаграми на RASFF нотификации по прехранбени производи во однос на истите параметри (временски период, број на нотификации) како оние за фигура 5
Фигура 7: Дистрибуција на RASFF нотификации по земја на потекло со истите параметри наведени за фигура 5
Коментар на фигурите 5, 6 и 7: Најголем дел од репортираните RASFF нотификации за анализираниот период се однесуваат за небезбедни месо од живина и нивни производи (1574) или 47,41%, потоа следуваат јаткасти плодови, нивни производи и семиња (378) или 11,39%, тревки и зачини (351) или 10,57%, месо и месни производи, исклучени живинско месо и нивни производи (227) или 6,84%, овошје и зеленчук (56) или 1,69%, јајца и нивни производи (51) или 1,54%, бивалвни мекотелци и нивни производи (43) или 1,3%. Во однос на идентификуваните серотипови/серовари во анализираните производи најфреквентни се S.Enteritidis (464), S.Infantis (277), S.Entericа (182), S.Typhimurium (161), S.Newport (81), S.Senftenberg (48), S. Agona (41), S.Mbandaka (31). Во однос на земјата на потекло на пријавениот производ/RASFF нотификација, најголем дел од нив се однесуваат на Полска (1036), Бразил (366), Германија (185), Италија (114), Индија (106), Белгија (103), Шпанија (100), Франција (95), Украина (94), Унгарија (71), Кина (42), Данска (34), Обединето Кралство (26), Австрија (20). Најголем дел од нотификациите биле карактеризирани во категоријата - сериозен ризик по здравјето на населението (2221) или 68,59% од тоталната бројка, 818 нотификации или 25,26% со несериозен ризик, 114 или 3,52% со потенцијален ризик и 79 или 2,44% карактеризирани во категоријата - потенцијално сериозен ризик по населението на ЕУ.
Фигура 8: Kлинички алгоритам за пристап кај заразна дијареа/бактериско труење со храна
Фигура 9: Табела за антибиотски третман на нетифоидна салмонелоза манифестирана како тежок гастроентеритис или комплицирана со бактериемија, инфективен ендокардитис, менингитис или локална инфекција во ткива и органи
Главните патогени што предизвикуваат заболувањaта што се пренесуваат преку храна и вода за пиење:
Овој научен документ - ревија, на 94 страници, во целост е научно изработен, стручно преведен, адаптиран, научно систематизиран, ажуриран со најнови научни податоци од релевантна стручна литература, вклучувајќи ја Excel изработката на табелите и графиконите со исклучок на ECDC и EMA од страна на Д-р Виктор АРСОВ, дипломиран доктор по медицина, специјалист интернист, експерт за здравствена проценка на ризик поврзана со опасности во храната, нутриција, диететски производи и алергии, помлад соработник за логистика за информации за здравствена проценка на ризик поврзани со опасности во храната, со над 18 годишно работно и професионално искуство во Секторот за проценка и комуникација на ризик (СПКР).
Линк за превземање на документот: