Aспартамот, како адитив во храната (Е 951) и неговите хидролизирани метаболити се предмет на континуирана екстензивна инвестигација преку изведување на експериментални анимални, клинички и епидемиолошки студии на луѓе, како и континуирано следење на ефектите по човековото здравје.
Во јули 2023 година беше објавена здравствената проценка по безбедноста на луѓето од засладувачот без шеќер - аспартам од страна на Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC) и Светската здравствена организација (СЗО) и Заедничкиот експертски комитет за адитиви во храната на Организацијата за храна и земјоделство (FAO/JECFA). Цитирајќи „ограничени докази“ за канцерогеност кај луѓето, IARC го класифицираше аспартамот како евентуално канцероген за луѓето (IARC група 2B) и JECFA го потврди претходно утврдениот прифатлив дневен внес (ADI) од 40 mg/kg телесна тежина на ден.
Комитетот на експерти за адитиви во храната на СЗО/ФАО/JECFA утврди дека проценетата диететска изложеност на аспартам за 50-та перцентила (просечни потрошувачи) до 10 mg/kg телесна тежина на ден за деца и 5 mg/kg телесна тежина на ден за возрасни и за висока диететска изложеност (на 99-та перцентила) до 20 mg/kg телесна тежина на ден за деца и 12 mg/kg телесна тежина на ден за возрасни, не ја надминаa горенаведената вредност на ADI. Затоа Комитетот заклучи дека диететската изложеност на аспартамот не претставува јавноздравствена грижа.
Овој научно-заснован документ ги содржи сите 4 чекори на проценката на ризик од адитивот - аспартам во храната, вклучувајќи идентификација на ризикот - хемиското соединение, карактеризација на ризикот (несакани ефекти по човековото здравје - невролошки заболувања, карциноми, репродуктивни ефекти, метаболни пореметувања, како и негова рестрикција во диетата кај фенилкетонуријата), проценка на експозиција - диететската експозиција од аспартам во различни популациони групи на потрошувачи со концентрацијата во различни категории храна и нивниот процентуален придонес во вкупната диететски внес и карактеризација на ризик - финален заклучок за безбедноста по јавното здравје и потрошувачите.
Овој документ во целост е научно изработен, стручно преведен, адаптиран, научно систематизиран, ажуриран со најнови научни податоци од релевантна стручна литература, други и сопствени трудови/стручни публикации и монографии, како и научни мислења од страна на Д-р Виктор АРСОВ, дипломиран доктор по медицина, специјалист интернист, експерт за здравствена проценка на ризик поврзана со опасности во храната, нутриција, диететски производи и алергии, помлад соработник за логистика за информации за здравствена проценка на ризик поврзани со опасности во храната, со речиси 18 годишно работно и професионално искуство во Секторот за проценка и комуникација на ризик (СПКР).