Првите луѓе на Агенција за храна и ветеринарство, Николче Бабовски и на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта - “Македонијапат”, Беким Мемеди, денес потпишаа меморандум за соработка меѓу двете институции. Со меморандумот се официјализира соработката на дефинираните активностите за пријавување и доставување на трупови од угинати животни (куче, мачка, зајак, лисица, волк, куна, ласица, шакал, дивокоза, срна и дива свиња) кои на државните патишта на целата територија на земјава, ќе бидат најдени од страна на вработените на ова јавно претпријатие при извршување на работните задачи.
Како што нагласи Бабовски, со потпишување на овој меморандум за соработка ќе се зголеми нивото на заштита на здравјето на животните и на луѓето, но и ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот на државните патишта.
Мостри од угинатите животни кои ќе бидат најдени ќе бидат земени од страна на надлежниот официјален ветеринар на Агенцијата за храна и ветеринарство кој ќе ја води постапката при пријава на најдено угинато животно, за што од страна на АХВ ќе биде обезбедена и опрема за земање на мостри од угинатите животни. Официјалниот ветеринар е задолжен да врши и надзор и контролата на активностите. Мострите ќе се земаат за контрола и мониторинг на болести кај животните, согласно законските одредби за инспекциски надзор, ветеринарно здравство и Годишна наредба за здравствена заштита на животните.
За реализирање на овие активности со вработените од ЈП “Македонијапат” ќе бидат склучени посебни договори, со секој вработен, а дефинирани ќе бидат и финансиски средства за спроведување на предвидените активности со Меморандумот.