Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство продолжуваат со спроведување на вонредни контроли во магацините на сите увозници на сусам, по добиените нотификации од Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни на Европската Унија - (Rapid Alert System for Food and Feed), дека ваков небезбеден производ по потекло од Индија е увезен и во земјава. Направени се контроли на затекнатите количини сусам во магацините, при што кај еден оператор од Битола, со лабораториска анализа утврдено присуство на резидуи од пестицид - етилен оксид во 7 149 килограми од овој производ.
Од прометот, од истата серија/лот, повлечени се и дополнителни 50 килограми сусам, по што на депонија нештетно се уништени вкупно 7 199 килограми од овој производ.
Како одговорна институција за безбедноста на храната, Агенцијата за храна и ветеринарство продолжува со спроведување на задолжителен преглед и вршење на лабораториски анализи на мостри од секоја пратка сусам која се увезува во земјава.