Теренски прирачник на ФАО за ветеринари за болеста Чвореста кожа е сега достапен на шест јазици да помогне во превенирање и контрола на оваа болест кај говедата која зема замав во Европа од 2015 година. Ова е надополнување на неодамна спроведената обука за обучувачи во Македонија со помош на ФАО, за болеста која исто така ги напаѓа преживарите - Син јазик.
Под влијание на климатското затоплување, многу егзотични и вектор преносливи болести кај животните се шират со засилено темпо преку територии и континенти. Способноста за справување со нив влијае на животот на многу сточари - главно малите, семејни фармери кои се потпираат на експертизата на ветеринарите.
Со потекло од Африка, болеста Чвореста кожа има кратка историја во Европа, но се прошири на Балканот, Кавказот и Руската Федерација, и се заканува да се прошири на исток кон Централна Азија. Сепак, многу ветеринари во областа не се запознаени со клиничката слика на болеста, начините на пренесување, како и опциите за превенција и контрола. За време на епидемијата на болеста, брзата реакција е од клучно значење.
Професионалците кои се грижат за здравјето на животните имаат слободен пристап до практичниот прирачник кој е достапен на македонски, албански, српски, англиски, руски и турски јазик. Украински и романски преводи ќе бидат достапни наскоро. Дополнително, печатени примероци од прирачникот се дистрибуирани меѓу ветеринарните служби на Балканот и наскоро ќе бидат испратени до осум земји во Источна Европа и Централна Азија кои се изложени на ризик за болеста.
"Болеста Чвореста кожа може да предизвика сериозни економски загуби за земјоделците, особено за малите земјоделци кои повеќе зависат од домашните животни", вели службеникот на ФАО за здравје кај животните, Даниел Белтран-Алкрудо. "Покрај тоа, болеста има сериозни трговски импликации за земјите-извозници".
Говедата заболени со оваа болест добиваат чворови (грутки) на кожата, што ја оневозможува и продажбата на нивната вредна кожа. Други негативни ефекти на болеста Чвореста кожа се и намалување на производството на млеко и плодноста. Вирусот се пренесува првенствено преку убод од инсекти.
Покрај болеста Чвореста кожа, ФАО, исто така, работи на борба против болеста Син јазик во регионот. На крајот од 2017 година, ФАО спроведе програма за обука на обучувачи во Македонија наменета за државни и приватни ветеринари кои работат на терен.
Ветеринари од националната Агенција за храна за ветеринарство беа обучени заедно со избрани официјални ветеринари од различни региони во земјата и советници за сточарство од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, по што истите беа подготвени да даваат дополнителни обуки на ветеринари во седум региони во Македонија. Преку осумте сесии на обуки беа опфатени скоро сите ветеринари во земјата, истакна експертот на ФАО.
"Вкупно 281 ветеринари учествуваа во програмата", посочи Белтран-Алкрудо. "Научија за главните карактеристики на двете болести, нивното присуство во регионот, начините за справување со епидемија, вакцинација и пријавување на сомнителните случаи".
ФАО планира да продолжи со слични обуки, фокусирајќи се на болеста Чвореста кожа во Белорусија, Молдавија и Украина. Секоја од овие земји е со висок ризик од инфекција.
ЛИНКОВИ:
ФАО публикација : Одржлива превенција, контрола и елиминација на болеста Чвореста кожа
FAO EMPRES здравјето на животните: Посебно издание за болеста Чвореста кожа
НАСТАН: Обука за обучувачи за болестите Чвореста кожа и Син јазик
Европа, Централна Азија подготвени да одговорат на прекуграничните болести кај животните
КОНТАКТ ЗА МЕДИУМИТЕ:
Леа Плантек
Службеник за комуникации
Регионална канцеларија на ФАО за Европа и Централна Азија
Будимпешта, Унгарија
lea.plantek@fao.org
Тел.: +36 1 461 2035
Новинари и уредници:
За фотографии, аудио клипови, видео материјал & b-roll контактирајте: (+39) 06 570 53625 или
FAO-newsroom@fao.org
Онлајн алатки:
Слики преку FAOnews Flickr account
Онлајн редакција на ФАО (FAO's online newsroom)
RSS feed на вести од ФАО
@FAOnews on Twitter
Регионална канцеларија на ФАО за Европа и Централна Азија | 34 Benczur utca, Будимпешта, Унгарија |
(+36) 1 461 2000 | www.fao.org/europe