Болест на чвореста кожа кај говедата преставува болест која не е опасна за луѓето но причинува огромни економски штети во сточарството. Болеста ја предизвикува вирус од родот Capripoxvirus од фамилијата Poxiviridae.
Начин на ширење на болеста:
Болеста воглавно се пренесува преку механички пат со вектори (шталски муви, комарци и крлежи), но и преку директен контакт со контаминирана храна за животни и вода, директен контакт на животните, природно парење или вештачко оплодување на животните.
Знаци на болеста:
Исцедок од носот и очите, чворчиња по кожата на главата, вратот, генитални органи, вимето и нозете, висока телесна температура и пад на млечноста кај молзни крави.
Географска распространетост:
Болеста е широко распространета на територија на Африка и од 2013 година се распространи низ блискиот исток, а во 2014 година Кипар, 2015 Грција, 2016 година во Бугарија, Република Северна Македонија, Србија Црна Гора, Албанија и Косово. Од првата појава на болеста во нашата држава спроведени се три задолжителни вакцинации на говедата како превенција од избивање и ширење на болеста. Пријавување на клинички знаци кои се погоре опишани од сточарите и ветеринарните доктори е од голема корист за навремено спречување на ширење на болеста. Болест на чвореста кожа не е патоген за човекот.
Во случај на состојба на прогласена болест на чвореста кожа кај говедата прогласени болни говеда не се лекуваат, се одземаат и нештетно се отстрануваат а при тоа на сопственикот му се исплаќа надомест на штета во висина на пазарна цена на одземеното животно.
Болеста има големо економско значење заради посредните штети и губитоци како пад на млечноста, смалување на квалитетот на кожата како и ограничување на прометот и движењето на животните.
Агенцијата за храна и ветеринарство ги имплементира мерките за контрола на болеста согласно Правилникот за мерки за здравствена заштита на животните во однос на болеста на чвореста кожа ( Службен весник на РМ, бр. 51 од 28.04.2017 година).
- Правилник за мерки за здравствена заштита на животните во однос на болеста на чвореста кожа (Службен весник на РМ, бр.51 од 28.04.2017г.) [врска]
- Правилник за измени на Правилник за мерки за здравствена заштита на животните во однос на болеста на чвореста кожа (Службен весник на РМ, бр.138 од 02.10.2017г.) [врска]
- Правилник за измени и дополнувања на Правилник за мерки за здравствена заштита на животните во однос на болеста на чвореста кожа (Службен весник на РМ, бр.86 од 11.05.2018г.) [врска]
- Правилник за дополнување на Правилник за мерки за здравствена заштита на животните во однос на болеста на чвореста кожа (Службен весник на РМ, бр.204 од 09.11.2018г.) [врска]