Агенцијата за храна и ветеринарство апелира до одгледувачите на живина да преземат превентивни мерки за да го намалат ризикот од појава или пренесување на болеста Авијарна инфлуенца, која веќе е присутна во некои од соседните и земјите од регионот. Следејќи ја состојбата со оваа болест, од страна на Агенцијата, зајакнати се активниот и пасивниот надзор, а засилени се и контролите на граничните премини при увоз на живина, месо и нус производи од месо од живина.
Агенцијата за храна и ветеринарство во моментов спроведува мерки за надзор на Авијарната инфлуенца во Република Северна Македонија за утврдување на евентуално присуство на болеста и во нашата земја. Надзорот се спроведува во соработка со ветеринарните и ловните друштва со вадење на крв од живината и земање на брисови од водните птици.
Авијарната инфлуенца е болест која задолжително се пријавува и затоа апелираме во најкраток можен рок, до надлежното ветеринарно друштво или официјалниот ветеринар на Агенцијата за храна и ветеринарство одгледувачите да пријават зголемена смртност или појава на клинички знаци на болеста кај живината или дивите водни птици.
Бидејќи станува збор за болест која најчесто се шири преку птиците преселници кои се сметаат за нејзин резервоар, апелираме одгледувачите да преземат биосигурносни мерки на фармите за да спречат појава и ширење на болеста. Лицата кои се изложени на ризик, треба да преземат соодветни мерки за заштита, бидејќи иако станува збор за болест од која првенствено заболуваат птиците, можно е од неа да заболат и луѓето.
Појавата на оваа болест во живинарството може да предизвика големи економски загуби, а кај домашната живина, птиците кои се чуваат како миленичиња и дивите птици, болеста предизвикува висока стапка на смртност. Од живината, од Авијарна инфлуенца најчесто заболуваат кокошките и мисирките, додека кај патките и гуските се развиваат само благи симптоми на болеста. Дивите птици, особено дивите патки можат природно да бидат отпорни и да не покажуваат клинички знаци на болеста. Птиците кои не покажуваат знаци на болеста можат да го носат вирусот и се опасност од ширење на вирусот кај живината.
Повеќе за симптомите на болеста и биосигурносните мерки кои треба да се преземат на фармата ТУКА.
Категорија