Агенцијата за храна и ветеринарство ги доби резултатите од извршените лабораториски испитувања од страна на Центарот за јавно здравје Кочани, на земените мостри од храна – (мајонез салата и мајонез), од сендвичарницата во Виница, каде викендов се случи труење со храна. Лабораториските испитувања потврдија дека земените мостри не одговараат на Правилникот за посебните барања за безбедност на храната кои се однесуваат на микробиолошките критериуми.
Со испитувањата утврдено е присуство на ентеропатогени и стафилококни бактерии во мајонезот и ентеропатогени бактерии од фекално потекло во мајонез салатата.
Добиените резултати од лабораториските испитувања укажуваат на ниско ниво на одржување на хигиената во објектот, на работните површини и на личната хигиена на вработените, како и на чување на суровините. Присуството на стафилококни бактерии, според наодот од испитувањата е знак на бацилоносителство кај вработените, односно кај лицата кои подготвуваат и послужуваат храна.
Од страна на инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство издаденото решение за времено затворање ќе остане на сила. Доколку операторот реши повторно да работи, неминовно е да ги преземе сите наложени мерки со кои ќе ја потврди безбедноста на храната, хигиената во објектот и здравствената состојба на вработените. Од страна на инспекциските служби поништена ќе биде храната која е затекната во објектот.
Врз основа на одредбите од Законот за безбедност на храната, ќе му се изрече глоба за пуштање во промет на небезбедна храна, чија висина ќе се одреди согласно Законот за прекршоци.
Категорија