Заокружување на концептот на одговорното сопствеништво во Република Северна Македонија и решавање на проблемот со бездомните кучиња преку подобрување и унапредување на текстот на измените на Законот за заштита и благосотојба на животните кој наскоро треба да се најде во собраниска процедура, беше тема на денешниот работен состанок кој директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов го одржа со претставници на релевантни здруженија од областа на кинологијата. Тој ги образложи предвидените законски измени кои се однесуваат на благосотојбата на животните, особено во делот на контропла на популација на бездмни кучиња и домашните миленици, појаснувајќи дека до крајот на март годинава треба да финишира кампањата за бесплатно микрочипирање на домашните миленици, која почнувајќи од септември минатата година ја спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со Ветеринарната комора на Македонија и ветеринарните друштва, а која има за цел олеснување на контролата на популацијата бездомни кучиња, но пред се, е во насока на заокружиување на концептот на одговорното сопствеништво во земјава. За оваа намена, напомена директорот Атанасов, набавени се 100 илјади бесплатни микрочипови, а во кампањата за бесплатно микрочипирање на домашните миленици, вклучени се околу 150 ветеринарни друштва од целата земја кои вршат микрочипирање и евидентирање на милениците во Ветеринарно информативниот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Влатко Алексовски, претседател на Ловечката федерација на Македонија, Габриел Стивел, од Кинолошкиот сојуз на Македонија и Мишо Костовски од Македонскиот клуб за ловна кинологија, предложија покрај ваквата евиденција, Агенцијата да ја разгледа можноста на унапредување на постоечкиот модул за евиденција на домашните миленици, со креирање на ДНК база за секој миленик. Според нивниот предлог, во ваквата база, во иднина, би се внесувале податоците од извршената ДНК анализа преку земање на крв за секој миленик, во исто време кога ќе се врши и нивно микрочипирање.
Директорот Атанасов истакна дека Агенцијата за храна и ветеринарство останува отворена за соработка со цел унапредување на текстот на предложените измени на Законот за заштита и благосостојба на животните. Како што најави тој, во оваа насока наскоро Агенцијата ќе одржи трибина со сите вклучени страни во системот на заштита и благосостојба на животните.