Македонската Агенција за храна и ветеринарство ќе и помогне на српската Ветеринарна управа во изработката на анализата на ризик и на Планот за земање на мостри на граничните премини. Ова е договорено на денешниот билатерален состанок меѓу директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија Зоран Атанасов и неговата колешка Емина Милакара, директор на Ветеринарна управа при Министерството за земјоделство на Република Србија, кој денес се одржа во Белград.
На состанокот се разговараше и за исполнувањето на условите за непречен увоз и извоз на јајца во двете земји, како и за тоа кои се моменталните бариери со кои се соочуваат македонските компании од земјоделско - прехранбениот сектор, особено оние кои извезуваат храна од животинско потекло од Република Северна Македонија. Предложени беа решенија за надминување на овој тип проблеми во трговијата со храна меѓу двете земји, кои наскоро ќе бидат и официјализирани меѓу институциите од Македонија и Србија.
Првите луѓе на двете институции договорија унапредување на соработката на полето на безбедноста на храната во двете земји и во регионот во целина, согласно високите меѓународни стандарди. На полето на здравствената заштита и благосостојбата на животните, како што беше истакнато на средбата, двете институции ќе работат на преземање на мерки за спречување на евентуална појава и ширење на болести кај животните согласно меѓународните стандарди за здравствена заштита на животните и стандардите на Светската организација за здравствена заштита на животните, кои може да нанесат големи економски штети и загуби кај добиточниот фонд, не само во Република Северна Македонија и Република Србија, туку и во поширокиот регион.