Речиси 70 тони небезбедна храна се уништени во земјава во првите осум месеци од годинава. Во истиот период, надлежните институции забраниле увоз на повеќе од 21 тон храна од неживотинско потекло, додека во земјите на потекло биле вратени пратки со над 122 тони производи од животинско потекло. Овие податоци денес, на настанот организиран од Општина Кисела Вода, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Инстититутот за јавно здравје по повод одбележувањето на 16 Октомври Светски ден на храната ги соопшти директорот на АХВ, Оливер Миланов, кој информира дека од јануари до август 2026 година биле спроведени вкупно 74.838 инспекциски надзори во домашниот промет и при увозот на храна.

-Во рамки на контролите уништени се 69.776 килограми небезбедна храна, а увозот на дополнителни 21.105 килограми храна од неживотинско потекло бил забранет. Во земјите на потекло биле вратени и пратки со вкупна тежина од 122.602 килограми храна од животинско потекло. Во истиот период, преку Одделението за заштита на потрошувачите биле поднесени повеќе од илјада иницијативи од физички и правни лица за спроведување инспекциски надзор. Најголем дел од нив се однесувале на областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните – истанка Миланов.

Безбедноста на храната, потенцира тој на едукативниот настан кој се одржа во Домот на културата “Билјана Беличенец”, е клучна за заштитата на здравјето на граѓаните и довербата на потрошувачите. Тој посочи дека работата на АХВ не се сведува само на откривање неправилности, туку опфаќа и превентивни активности, едукација и соработка со производителите, операторите со храна и другите надлежни институции. Контролите се спроведуваат во домашниот промет и при увозот, со цел навремено откривање и отстранување на ризиците по здравјето на луѓето. Безбедноста на храната е заедничка одговорност, истакна Директорот Миланов потенцира дека се потребни доследни контроли, почитување на законските обврски и координација меѓу институциите за заштита на потрошувачите.
Македонските граѓани според Миланов јадат безбедна храна. Казните за несовесните оператори се ниски и со законските измени кои веќе се изготвуваат, е предвидено да бидат двојно зголемени.
„Годинашното мото на Светскиот ден на храната “Иновирај денес. Нахрани ја иднината” не потсетува дека иднината на храната ја создаваме со одлуките што ги носиме денес. Науката, новите технологии, дигитализацијата, вештачката интелигенција и прецизното земјоделство, заедно со претприемништвото и традиционалното знаење, можат суштински да ги трансформираат агропрехранбените системи. Но, вистинскиот напредок не се мери само со количината на произведена храна, туку и со нејзината безбедност, хранлива вредност, достапност и влијанието врз животната средина. Не е доволно да произведуваме повеќе. Мораме да произведуваме подобро, поодговорно и побезбедно и за луѓето и за животните“. Додаде дека преку официјалните контроли, надзорот над храната и храната за животни, ветеринарното јавно здравство, следливоста и управувањето со ризиците, Агенцијата за храна и ветеринарство работи на заштита на здравјето на граѓаните, здравјето и благосостојбата на животните и безбедноста на целиот прехранбен синџир.
На едукативна панел-дискусија на тема „Електронска трговија на храна, медиумска промоција и рекламирање на храна, додатоци во исхраната и храна за спортисти – вистинска приказна или заблуда?“ која се одржа денес во рамки на нсатнот отворени беа важните прашања за влијанието на дигиталните платформи врз изборот на храна и заштитата на здравјето на граѓаните.
Свое обраќање имаше градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, која истакна дека оваа тема ги засега сите граѓани не само младите луѓе и оние кои активно спортуваат и посетуваат теретани. Ова е прашање што допира до секое семејство. Од најмладите кои гледаат реклами за енергетски пијалаци, до повозрасните кои бараат суплементи и додатоци за подобро здравје.
-Многу често зад убаво спакуваната реклама стои прашањето што е вистинска приказна, а што е само маркетиншка заблуда која може да биде и штетна. Наша обврска како институции е да ги заштитиме сите граѓани, помагајќи им да научат како да ги препознаваат вистинските информации и како да донесуваат здрави и безбедни одлуки. – рече Стаменкоска.
Директорката на Институтот за јавно здравје, д-р Марија Андоновска, посочувајќи ја улогата на Институтот, нагласи дека покрај прашањето дали во храната е присутен одреден микроорганизам или хемиска супстанција, важно е да се утврди и какво е нејзиното потенцијално влијание врз здравјето, кои групи се најизложени и дали се потребни дополнителни испитувања, надзор или соодветни мерки.
-Токму поврзувањето на лабораториската експертиза со јавно-здравствената проценка е една од најважните вредности што Институтот ги внесува во националниот систем за безбедност на храната. Нашата определба е да продолжиме со унапредување на лабораториските капацитети, јакнење на стручниот кадар и развој на научно заснован пристап во проценката на ризиците. Веруваме дека соработката меѓу институциите, размената на знаења и координираното делување се неопходни за ефикасен систем за безбедност на храната. На крајот, нашата заедничка цел е јасна: да обезбедиме побезбедна храна, навремено препознавање на здравствените ризици и повисоко ниво на заштита на здравјето на граѓаните – рече таа.
Како панелисти на стручната дискусија учествуваа Светлана Колариќ, Радмила Јовановиќ Николовска, Жанета Мијоска и Никола Савовски. За време на панелот беа отворени значајни прашања поврзани со светската статистика за разболувања од небезбедна храна, процедурите при повлекување на небезбедни пратки од пазарот, позитивните и негативните страни на онлајн купувањето на храна, како и популарноста на додатоците во исхраната. Посебен фокус беше ставен на агресивното рекламирање на производи за слабеење и енергетски пијалаци насочено кон младите, и важноста потрошувачите да бидат свесни за можните негативни последици од следењето на ваквите трендови.
Она што е особено значајно е присуството на младите на овој настан. Во публиката, покрај граѓани, присуствуваа и ученици од ветеринарното училиште СУГС „Браќа Миладиновци“, СУГС „Васил Антевски – Дрен“, како и основци од ученичкиот парламент при општинските основни училишта во Кисела Вода, кои имаа можност директно да се едуцираат за овие важни теми.