Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 600 денари

АХВ: Силна ветеринарна професија значи побезбедна храна, поздрави животни и заштитено јавно здравје

17.09.2026
Насловна слика

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство вчера се обрати на свеченото отворање на 11. Меѓународен научен собир „Денови на ветеринарна медицина 2026“, што се одржува во Струга во организација на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје. Во своето обраќање директорот ја истакна клучната улога на ветеринарната професија во заштитата на здравјето на животните, безбедноста на храната и јавното здравје, нагласувајќи дека современите здравствени ризици бараат заеднички и координиран пристап на институциите, науката и ветеринарните професионалци.

Слика

 

„Нема јавно здравје без здравје на животните и нема безбедна храна без силна ветеринарна професија. Концептот ‘Едно здравје’ за Агенцијата не е само научен концепт, туку секојдневна обврска“, истакна директорот.

Посебно внимание беше посветено на актуелните епидемиолошки и епизоотиолошки предизвици и на потребата од континуиран надзор, навремено препознавање на ризиците, современа лабораториска дијагностика и брза реакција на терен.

 

Слика

 

Во ветеринарната медицина времето е фактор на безбедност. Еден навреме препознаен сомнителен случај, точна дијагноза и брза реакција можат да спречат локален проблем да прерасне во сериозна криза, беше нагласено во обраќањето.

 

Директорот потенцираше дека ветеринарите на терен претставуваат една од првите линии на заштита на јавното здравје. Со спречувањето и контролата на заразните болести тие истовремено ги штитат сточарството и економијата, додека преку контролата на безбедноста на храната и раното препознавање на зоонозите директно придонесуваат за заштита на здравјето на граѓаните.

 

Како еден од приоритетите беше истакнато и натамошното унапредување на ветеринарниот систем во земјава преку зајакнување на надзорот и дијагностичките капацитети, дигитализација, подобра размена на податоци и континуирано стручно усовршување на ветеринарните професионалци. Во таа насока, беше потенцирано стратешкото партнерство меѓу Агенцијата за храна и ветеринарство и Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, особено во поврзувањето на науката со практиката и носењето одлуки засновани на научни докази и процена на ризик.

„Вложувањето во ветеринарната медицина не е трошок, туку инвестиција во здравјето, безбедноста и економската стабилност на државата. Нашата цел е да градиме систем кој нема само да реагира на кризите, туку навреме ќе ги препознава и ќе ги спречува ризиците“, порача директорот.

На крајот, тој упати благодарност до деканот на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, проф. д-р Деан Јанкулоски, до организаторите, научната и академската заедница и до ветеринарните практичари за нивниот придонес во развојот на ветеринарната медицина.

 

Агенцијата за храна и ветеринарство останува посветена на соработката со науката и ветеринарната професија и на унапредувањето на системот за здравствена заштита на животните и безбедност на храната, во функција на заштита на јавното здравје.

 

„Да бидеме чекор пред ризиците, затоа што превенцијата денес значи сигурност утре.“

 

Ознаки
Категорија