“По добиените задоволителни резултати од извршените лабораториски испитувања од страна на Институтот за јавно здравје и Лабораторијата при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, на примероците вода за пиење земени од седум мерни места во понеделник наутро и навечер, како и во вторник наутро, Агенцијата за храна и ветеринарство ги известува жителите на Гостивар дека од денес, петок, 14.08.2026 година, водата може да се користи за пиење” – порача од денешната прес конференција на Кризниот штаб која се одржа во Гостивар, Директорот на Агенција за храна и ветеринарство, Оливер Миланов.
Водата беше микробиолошки исправна уште од крајот на минатата недела, истакна тој, но при извршените испитувања беше утврдено зголемено количество на резидуален хлор, над границите предвидени со Правилникот за барањата за квалитет на водата за пиење од 0,2 до 0,5 mg/l.
-Зголеменото ниво на резидуален хлор беше резултат на спроведената дезинфекција на водата за пиење, како мерка за обезбедување на нејзината микробиолошка безбедност. Притоа, станува збор за процес на дезинфекција на водата, а не за т.н. „хиперхлорирање“, како што беше пренесено во дел од медиумите. Поради измерените вредности на резидуален хлор над пропишаните граници, беше потребно да се преземат дополнителни мерки и да се почека со препораката за користење на водата за пиење сè додека и овој параметар не се врати во границите утврдени со Правилникот. Во саботата, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) нареди да се намали додавањето на течен хлор во водата и да се земат дополнителни примероци за лабораториско испитување, со цел континуирано следење на состојбата и потврдување на безбедноста на водата за пиење – потенцира Миланов.
Во текот на целиот период, ЈКП „Комуналец“ – Гостивар континуирано го мереше нивото на резидуален хлор во водата и редовно го известуваше Кризниот штаб за измерените вредности и состојбата во водоснабдителниот систем. “На овој начин беше овозможено континуирано следење на нивото на резидуален хлор и навремено информирање на надлежните институции за преземените и потребните мерки. Истовремено, Центарот за јавно здравје – Тетово (ЦЈЗ Тетово) во континуитет продолжи со испитување на микробиолошките и физичко-хемиските параметри на водата, независно од примероците што за лабораториско испитување ги земаа ЈКП „Комуналец“ – Гостивар, Институтот за јавно здравје и Агенцијата за храна и ветеринарство” – рече тој.
Последните добиени резултати од лабораториските испитувања потврдуваат дека водата е микробиолошки и физичко-хемиски исправна, односно дека испитаните параметри, вклучително и количеството на резидуален хлор, се во границите предвидени со Правилникот за барањата за квалитет на водата за пиење.
-Со тоа се исполнети условите водата од водоснабдителниот систем во Гостивар повторно да се користи за пиење. Во насока на стабилизирање на водоснабдувањето и одржување на квалитетот и безбедноста на водата, се препорачува ЈКП „Комуналец“ – Гостивар да го зголеми производството на сурова вода, согласно расположливите капацитети и техничките можности на водоснабдителниот систем. Воедно, на граѓаните им се препорачува, пред водата да ја користат за пиење, да ја остават да истече од чешмата неколку секунди, особено доколку водата подолго време не била пуштена од конкретната чешма – посочи Миланов.
Се апелира до граѓаните рационално и одговорно да ја користат водата од водоснабдителниот систем во Гостивар, особено во периоди на зголемена потрошувачка, со цел да се обезбеди стабилно и непречено водоснабдување за сите корисници, додаде Миланов, и заклучи дека Агенцијата за храна и ветеринарство, во рамки на своите надлежности, продолжи да ја следи состојбата и во координација со надлежните институции, ЈКП „Комуналец“ – Гостивар и Кризниот штаб да презема активности за контрола на безбедноста на водата за пиење, со цел заштита на здравјето на граѓаните.