Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 600 денари

10 ГОДИНИ ЗАКОН ЗА ЗДРАВЈЕ НА ЖИВОТНИТЕ ВО ЕВРОПА – 10 ГОДИНИ ДОСТИГНУВАЊА

09.07.2026
Насловна слика

Делегација на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), предводена од заменик-директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Фадил Асани, учествуваше на Конференцијата на високи претставници - „Законот за здравје на животните – 10 години достигнувања“, што се одржа во Брисел, во организација на Европската комисија.

 

Слика

 

Конференцијата беше организирана по повод одбележувањето на десет години од донесувањето на Регулативата (ЕУ) 2016/429 – Законот за здравје на животните (Animal Health Law) и пет години од почетокот на неговата примена.

 

Слика

 

На конференцијата присуствуваа претставници на Европската комисија, Европскиот парламент, Советот на Европската Унија, надлежните ветеринарни служби од земјите членки на Европската Унија, државите кандидати за членство, Европската економска област, како и претставници на Светската организација за здравје на животните (WOAH), Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (FAO), научната заедница, професионалните здруженија и сите заинтересирани страни.

 

Слика

 

Настанот го отвори европскиот комесар за здравство и благосостојба на животните, Оливер Вархеји, кој истакна дека европската регулатива воспостави современа и единствена законодавна рамка за превенција, контрола и искоренување на заразните болести кај животните, заснована на проценка на ризик, биосигурност и концептот „Едно здравје“ (One Health).

 

Слика

 

Во рамки на конференцијата беа презентирани резултатите од евалуацијата на Законот за здравје на животните, при што беше оценето дека неговата примена значително придонела за поефикасно спречување, следење и сузбивање на заразните болести кај животните, подобра координација меѓу надлежните институции и зајакнување на подготвеноста за справување со нови здравствени ризици. Посебно внимание беше посветено на справувањето со прекуграничните болести кај животните, како што се африканската свинска чума, високопатогената авијарна инфлуенца и болеста син јазик, како и на потребата од натамошно унапредување на биосигурносните мерки, системите за надзор и рано предупредување, примената на вакцинацијата, дигитализацијата на ветеринарните услуги и јакнењето на пристапот „Едно здравје“, кој ги поврзува здравјето на луѓето, животните и животната средина.

 

Слика

 

За време на конференцијата беше нагласена и важноста од понатамошно зајакнување на соработката меѓу земјите членки на Европската Унија, земјите кандидати и меѓународните организации во справувањето со предизвиците што ги носат климатските промени, глобалната трговија и зголемената мобилност на животните и производите од животинско потекло.

 

Учеството на делегацијата на Агенцијата за храна и ветеринарство на овој висок меѓународен форум претставува потврда на заложбите на институцијата за континуирано усогласување на националното законодавство со правото на Европската Унија, јакнење на ветеринарниот систем и унапредување на мерките за заштита на здравјето на животните, безбедноста на храната и јавното здравје.

 

На маргините на конференцијата, делегацијата на Агенцијата оствари повеќе работни средби со претставници на Европската комисија и на надлежните ветеринарни служби од земјите членки на Европската Унија, при што беа разменети искуства и добри практики за спроведување на европското законодавство, управувањето со ризиците и јакнењето на регионалната и меѓународната соработка во областа на здравјето на животните.

 

Ознаки
Категорија