Експертската група за болеста африканска чума кај свињите формирана од директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), вчера одржа работен состанок во Агенцијата.
На состанокот присуствуваа стручни лица од АХВ, од науката (Факултет за ветеринарна медицина, Факултетот за земјоделски науки и храна, Факултет за шумарски науки, пејсажна ахитектура), првите луѓе на Ловечка федерација на Македонија и претставници од ветеринарните друштва.
Состанокот го отвори Фадил Асани, заменик директор на Агенцијата кој информираше дека во 2025 година кај популацијата на домашни свињи не е потврдена болеста Африканска чума. Во период 2022-2024 година, истакна тој, потврдени се 66 жаришта на болеста.
-Во последниот месец, зголемен е бројот на примероци за лабораториско тестирање кои се земаат од големите и средните комерцијални фарми. Потребно е во наредниот период да се зголеми бројот на приемроци и од малите комерцијални фарми и од некомерцијалните одгледувалишта – рече тој.

Во однос на популацијата диви свињи Асани информира дека во период од 2022 до 2025 вкупно има вкупно 545 позитивни случаи, од кои само во 2025 година 54 позитивни случаи. Ова рече тој, претставува значително намалување во однос на 2023 година кога беа евидентирани 153 позитивни случаи и за 2024 година кога имало 331 позитивен случај на болеста африканска чума кај свињите.

Директорот на АХВ Оливер Миланов се заблагодари на колегите од АХВ, професорите, на одгледувачите на свињи, Ветеринарната комора и на Ловечката федерација на Македонија за досегашната соработка и вложениот труд за справување со болеста, повикувајќи ги до Агенцијата сите вклучени да достават предлози и сугестиуи за справување со оваа болест.
-Наскоро, на почетокот на 2026 година, ќе побарам вонреден аудит од Европската комисија во нашата земја и завршување на процесот на ослободување на ветеринарно санитарните пречки за извоз на свинско месо во земјите на ЕУ. Со министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство заедно се залагаме и обезбедуваме поголем буџет за здравствена заштита на животните, со цел реализација на програмите. Со обезбедениот буџет за кусо време ќе се исплатат заостанатите обврски кон Факултетот за ветеринарна медицина, ловните и ветеринарсните друштва,
- потенцира Миланов.
Годинава, како што објасни Миленко Симовиќ од АХВ одржани се 7 работилници за болеста африканска чума кај свињите наменети за ловџиите, фармерите и за ветеринарите. Денес во Гевгелија се одржува последната работилница за годинава.