
Денес, директорот на Агенција за храна и ветеринарство Оливер Миланов, заедно со владината делегација предводена од Премиерот на Република Македонија проф. д-р Христијан Мицкоски и градоначалникот на општина Кавадарци Митко Јанчев, присуствуваше на отворањето на Регионалниот центар за згрижување на бездомни животни и ветеринарно здравство во општина Кавадарци “Шепа”.
Станува збор за регионален центар за згрижување на бездомни животни и миленици кој е лоциран е во населбата Глишиќ на површина од 5470 метри квадратни, формиран е од општините Кавадарци, Неготино, Велес, Свети Николе, Чашка, Демир Капија, Градско, Лозово и Росоман.
Основањето на стационарот кој е финансиран од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската Влада и Амбасада, кофинансиран од Општина Кавадарци, во вкупна вредност од 21 милиони денари се очекува дека ќе го реши проблемот со бездомните кучиња во деветте општини во Вардарскиот плански регион.
Со овој проект, преку воспоставен систем за контрола на популацијата на кучиња согласно на законските прописи, ќе се обезбеди хуман третман на бездомните животни и на миленици, што ќе има директно влијание и врз здравјето и безбедноста на луѓето.

Премиерот Мицкоски го поздрави отворањето на регионалниот стационар “Шепа” и истакна дека во моментов се реализираат уште голем број на проекти од интерес на граѓаните, како што се неколкуте во општина Кавадарци, кои директно го подобруваат нивниот живот, а каде денес Премиерот изврши увид во нивната реализација.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински изрази задоволство од посетата на Кавадарци и рече дека регионалниот стационар кој денес беше отворен е пример на успешна соработка меѓу централната и локалната власт.

Градоначалникот на Општина Кавадарци Митко Јанчев рече дека станува збор за исклучително важен проект за деветте општини кои го формираа ова јавно претпријатие во кое ќе се преземаат сите потребни мерки за хуман третман на бездомните кучиња со цел спречување на неконтролираното размножување.
Стационарот “Шепа” во моментов има капацитет за згрижување и третман на 60 бездомни кучиња.