
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со Организацијата за храна и земјоделство на Организацијата на Обединети нации (FAO), од 25.03.2025 до 27. 03.2025 година, ќе спроведе симулациска вежба за болеста чума кај мали преживари. Цел на вежбата е да се утврдат добрите и слабите страни на одговор при евентуална појава на болеста, која е предмет на планови за итни мерки на АХВ.
На вежбата ќе присуствуваат претставници од АХВ, од Ветеринарната комора на РСМ, од Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје, експерти од Европската унија како и претставници од Сојузот на здруженија на одгледувачи на овци ’’Модерен овчар”.
Првиот дел од симулацискта вежба (теоретско –практичен) ќе се спроведе на 25.03.2025 и 27.03.2025 (вторник и четврток) на Факултетот за земјоделски науки и храна, додека вториот дел (теренски) ќе се реализира на 26.03.2025 (среда) во с. Брњарци, општина Гази Баба. По спроведување на вежбата ќе се направи евалуација на подготвеноста на Агенцијата за храна и ветеринарство за одговор при појава на болеста, а ќе се реализираат активности за подобра подготвеност на институциите и засегнатите страни при појава на особено опасни заразни болести како што е болеста чума кај мали преживари.
АХВ ја известува јавноста дека активностите кои ќе бидат преземени се исклучиво во рамки на предвидените за реализација на симулациската вежба, односно, не се станува збор за реална ситуација и појава на жариште на болеста чума кај малите преживари.