Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија и Управата за безбедност на храна, ветеринарни и фитосанитарни работи на Република Црна Гора, утре, среда, 26.04.2023 година, во село Петровец, Општина Петровец ќе спроведат заедничка СИМУЛАЦИСКА ВЕЖБА за болеста лигавка и шап. Симулациската вежба се организира во соработка со Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации - ФАО (Food and Agriculture Organization) и Европската комисија за контрола на болеста лигавка и шап, European Commission for the Control of Foot-and-Mouth Disease (EuFMD).
Ја известуваме јавноста и локалното население во село Петровец, дека ова НЕ Е РЕАЛНА СИТУАЦИЈА и не претставува случај на појава на болест, односно активностите кои ќе бидат преземени УТРЕ, СРЕДА (26.04.2023 година) од страна Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) се поврзани исклучиво со реализација на симулациската вежба. Преку оваа вежба, по однапред утврдено сценарио и доделување на улоги и работни задачи на учесниците, ќе се реализираат активности кои би се презеле во случај на појава на болеста лигавка и шап.
Во четврток (27.04.2023 година) ќе се направи евалуација на подготвеноста на планот за итни мерки за лигавка и шап кој се применува од двете земји учесници на симулациската вежба. Целта е да се констатираат добрите и слабите страни на одговорот при појава на болеста, која е предмет на планови за итни мерки, односно катастрофи кои го загрозуваат здравјето и благосостојбата на животните.
На симулациската вежба ќе присуствуваат претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство, од Ветеринарната комора на РСМ и Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје, како и експерти од Република Црна Гора и ЕУ.