Акцијата за спроведување засилени инспекциски контроли во целиот ланец на исхрана која започна пред Велгденските празници, продолжува да се спроведува и во пресрет на претстојните Рамазански празници.
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство продолжуваат да ги спроведуваат засилените контроли во целиот ланец на исхрана при што особено се опфатени маркетите, угостителските објекти, зелените пазари и особено во месарниците кои вршат промет со свежо месо и подготовки од месо каде посебен акцент се става на контролата на здравствената ознака на месото, комерцијалните документи, следливоста, условите за чување и одржувањето на ладниот ланец и декларирањето на месото и подготовките од месо.
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство проверуваат дали и колку операторите со храна ги исполнуваат општите и посебните услови за безбедност на храната согласно одредбите од Законот за безбедност на храната и Правилникот за информации поврзани со храната.
Во рамки на оваа активност, во периодот од 06 до 20 април 2023 година, Агенцијата за храна и ветеринарство има спроведено вкупно 524 контроли, издадени се 17 решенија, 21 едукација и издадени се 14 платни налози. Во истиот период, инспекциските слуби на Агенцијата за храна и ветеринарство имаат затекнато и безбедно уништени вкупно 550 кг прехранбени производи.
Директорот Бабовски апелира:
Граѓаните храната треба да ја набавуваат единствено од регистрирани и/или одобрени оператори со храна, а секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната треба да се пријави во АХВ, лично, телефонски на бесплатниот телефонски број 0800 3 22 22, или електронски на info@fva.gov.mk