Директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски, своето присуство на конференцијата “Предизвиците на безбедноста и сигурноста на храната во југоисточна Европа”, која во изминатите два дена се одржа во Подгорица, Република Црна Гора, денес го искористи и оствари билатерална средба со својот колега, директорот на црногорската Управа за безбедност на храна, ветеринарни и фитосанитарни работи, г-дин Владимир Ѓаковиќ.
На средбата се дискутираше за актуелни прашања од областа на безбедноста на храната и состојбата со здравјето на животните во двете земји, а разменети беа искуства и добри пракси во областите кои се во надлежност на двете институции. Тема на состанокот беа и потенцијалните заеднички активности кои од двете институции ќе бидат спроведувани во наредниот период.
За време на средбата се финализираше и текстот на нацрт Меморандумот за соработка од областа на безбедноста на храната и ветеринарната политика кој треба да го потпишат двете институции.
Со потпишувањето на овој документ ќе се зајакнат трговските односи меѓу двете земји во однос на трговијата со производи од животинско и неживотинско потекло и со живи животни, и ќе се подобри комуникацијата на двата надлежни органи во однос на заштитат на населението на двете земји од алиментарни заболувања и измами поврзани со храната.
Меморандумот за соработка ќе се потпише по дефинирање на техничките и административните прашања во двете земји.