Агенцијата за храна и ветеринарство доби позитивни оценки од страна на сертификациското тело MQS, регионален парнер на австриското национално сертификационо тело QualityAustria за Република Северна Македонија за функционалноста на документираниот Систем за квалитет, неговата усогласеност со барањата на стандардот за квалитет ISO 9001:2015 и примената во пракса.
Од страна на надворешните аудитори беше изразено огромно задоволство во однос на одржувањето и континуираното подобрувањето на Системот за менаџмент со квалитет, по што беше најавено дека сертификациското тело Quality Austria ќе го продолжи сертификатот за управување со квалитет на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Позитивните оценки за работењето на Агенцијата следуваат по спроведениот надворешен аудит на Системот за менаџмент со квалитет согласно барањата на стандардот ISO 9001:2015, кој се реализираше во текот на вчерашниот ден во рамки на сите сектори и одделенија.
Целокупниот аудит ги опфати сите барања на стандардот, почнувајќи од системските процеси на преиспитување на врвното раководство, контекстот на Агенцијата преку влијание на надворешни и внатрешни фактори и заинтересирани страни, оперативните ризици во процесите преку FMEA методологија, управувањето со документацијата во системот, елементите на интерна проверка и дефинирани неусогласености, анализа на задоволство на корисниците на услуги, како и мерките за континуирано подобрување.
Оперативните процеси беа разгледувани преку преглед на дефинираните и реализираните цели за квалитет, преку приказ на реални и мерливи индикатори и следење на трендот на резултатите по години.
За време на проверката беше утврден значителен успех во однос на резултатите од мерењето на задоволството на корисниците на услуги кое бележи нагорен тренд од 2016 година па до сега, при што во 2022 година корисниците на услуги дале највисоки оценки за услугите кои ги добиваат од вработените во Агенцијата.
Од страна на надворешните аудитори беше изразено огромно задоволство за целосната реализација на сите дадени препораки од претходниот аудит во насока на континуираниот процес на ефикасно и ефективно работење на Агенцијата.
Агенцијата ќе продолжи и понатаму да работи на целокупно одржување и подобрување на системот со максимална заложба на сите вработени, во насока на исполнување на барањата и очекувањата на корисниците на нејзините услуги.