Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), вчера попладне спроведоа вонреден инспекциски надзор во ЈУ Зоолошка градина на Град Скопје, по добиената информација од Министерството за внатрешни работи (МВР) и медиумите дека таму нелегално се заклани десеттина коњи, чие месо ќе се користи за исхрана на дивите животни. Со контролата, утврдено е дека во објект кланица со комора во зоолошката градина, кој не е одобрен од Агенцијата за храна и ветеринарство, заклани се десет копитари, без соодветна документација, односно со непознат здравствен статус, неидентификувани и нерегистрирани и без соодветен документ за движење, иако истите на зоолошката градина и се отстапени на чување во соодветни услови од страна на Управата за извршување на санкции при КПУ- КПД Идризово.
Во депото, затекнати се и две живи животни, во фрижидерите во склоп на кланичниот објект најдени се мрши од закланите животни во вкупна количина од 1.286 килограми и 100 замрзнати пилиња. Бидејќи месото од закланите копитари потекнува од неидентификувани и нерегистрирани животни со непознат здравствен статус кои се заклани во неодобрен објект, Агенцијата за храна и ветеринарство издаде Решение и нареди нештетно уништување на небезбедното месо на депонијата Дрисла.
За сторените прекршоци, против правното лице ЈУ Зоолошка градина на Град Скопје и одговорното лице во него, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе изрече соодветни казни согласно Законот за ветеринарно јавно здравство, Законот за безбедност на храна, Законот за заштита и благосостојба на животните и Законот за идентификација и регистрација на животните.