Нов сет на мерки кои треба да помогнат во битката со африканската свинска чума донела Владата на вчерашната седница. Фокусот на новите активности во периодот кој следи е ставен на намалување на бројот на диви свињи во ловиштата, а особено во оние кои се во пограничните зони со Бугарија и Србија каде ја има оваа болест поодамна, обесштетување на сточарите чии свињи ќе бидат одземени како и целосна контрола и координација на сите активности од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Првиот човек на АХВ Бабовски добил и екипа од тројца европски експерти кои треба да помогнат ова вирусно заболување кое се шири преку дивите свињи да се запре за да не останеме без домашното производство на свинско месо.
Болеста африканска свинска чума воопшто не опасна за човекот. За ова вирусно заболување на свињите нема ниту лек ниту вакцина и единствен начин за спречување на ширењето е брзо уништување на сите свињи во радиус од три и десет километри од појавата на жариштето.
Првиот случај на оваа болест кај нас беше на 6 јануари во село Драмче делчевско каде беа убиени 268 свињи во 45 помали фарми додека и по речиси еден месец од појавата во втората зона од десет километри се уште се чуваат свињите во фармите.