Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Реализирани и надминати плановите за развој на земјоделството, безбедноста на храната и субвенционирањето на производството

29.12.2021
Реализирани и надминати плановите за развој на земјоделството

Заменик - министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски, денеска одржаа работен состанок со новинарите од медиумите кои активно го следат земјоделскиот сектор. На состанокот беа презентирани остварените резултати за 2021 година.

 

 

 

 

Trajan Dimkovski

 

2021 ќе биде запаметена како година во која имаме рекордно високи исплати на средства во земјоделскиот сектор. Вкупно 203,5 милиони евра, инвестирани се директно во земјоделскиот сектор, по разни основи. Во услови на светска економска и здравствена криза, земјоделскиот сектор беше силно поддржан од државата. Ниту еден од процесите немаше застој, сите програми и мерки имаа успешна и целосна реализација

- изјави заменик министерот Димковски.

 

 

Тој во своето обраќање детално ги анализираше инвестициите во земјоделскиот сектор:

  • 146 милиони евра се исплатени за двете програми кои ги креира Министерството, од кои околу 121 милиони евра за субвенции и 25 милиони за инвестиции во рурален развој.
  • 18 милиони евра за капиталните водостопански инвестиции, средства со кои долгорочно го решаваме водоснабдувањето и стабилното наводнување.
  • 10 милиони евра за втората фаза на проектот за наводнување на јужната долина на Вардар.
  • За ИПАРД 2 програмата во 2021 година исплатени се околу 16 милиони евра од кои 12 милиони се учество на европски средства а 4 милиони се од националното кофинансирање. И повторно, веќе трета година по ред, нема да се враќаат пари назад, бидејќи искористеноста е скоро 100%.
  • 13.5 милиони евра, од ковид програмата, од кои 5 милиони евра им се исплатени на тутунопроизводителите и уште 8.5 милиони треба да се исплатат деновиве за производителите на грозје, ориз и јаболка.

 

Заменик министерот потенцираше дека нема реална цена за трудот на земјоделците, тие немаат фиксно работно време, немаат сезона на одмор, ниту паузи во процесот на производство како што имаат другите сектори. Но, затоа секогаш кога имаше потреба, државата интервенираше, во законски рамки и во рамките на буџетот.

 

 

 

Nikica Bacovski

 

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски изјави дека Агенцијата во 2021 година оствари рекордни исплати по сите три програми,  со што реализацијата на средствата е над 99 %, а исто така склучени се и многу договори и преку Националната и преку ИПАРД 2 програмата.

 

 

Оваа година преку ИПАРД 2 склучивме 507 договори со вкупна побарана сума од 16 милиони евра. Тоа се пари вложени во нови погони за производство на млеко, месо, пекарски производи, колачи,во отворање на туристички капацитети или модернизација на постојните, дел од овие средства се вложени во проекти од мерката Инвестиции во модернизација на земјоделски стопанства

изјави Бачовски и додаде дека од денеска, отворен е нов Јавен повик за сите кои имаат потреба да набават систем за наводнување капка по капка, или да направат конструкција на бунари или пак зафати на површински води. Огласот е отворен до 27.јануари 2022 година.

 

 

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Николче Бабовски изјави дека Агенцијата како одговорна институција за безбедноста на храната и здравствената заштита на животните, преку воспоставениот интегриран систем за контрола, успешно ја заокружи 2021 година. Реализирани се клучните приоритети дефинирани од Владата на Република Северна Македонија за обезбедување на највисоките стандарди за безбедност на храната и храната за животни како и планираните активности на институцијата. Потпишан е Договор за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“ со кој меѓу Албанија, Србија и нашата држава, ќе се олесни трговијата со живи животни, храна, добиточна храна, со растенија и други производи.

 

Babovski

 

Со контроли и годинава покриен е целиот синџир на производство и трговија со храна. Заклучно со ноември спроведени се 43 910 контроли, изречени се 6290 мерки од кои 3919 решенија за отстранување недоследности и 2017 едукации. Поднесени се 47 прекршочни и 19 кривични пријави. Како небезбедна инспекторите поништиле над 15 тони храна, а самите оператори уништиле скоро 23 тони небезбедна храна

изјави Бабовски и дополни дека донесена е Стратегијата за безбедност на храната и храната за животни за периодот 2021-2025. Тоа е документ, во кој се дефинирани правците за развој на националниот систем за безбедност на храна и храната за животни. ОИЕ го потврди статусот на Република Северна Македонија на земја слободна од болеста чума кај малите преживари (овци и кози).

 

 

На работниот состанок со новинарите беа упатени желби за среќна, спокојна и бериќетна Нова Година, во која сите институции од земјоделскиот сектор најавија дека и во 2022 година, ќе продолжат со реализација на мерките и политиките за континуиран развој.

 

Ознаки
Категорија